3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОдбележани 24 години постоење на Полкот за специјални операции, најелитната единица на...

Одбележани 24 години постоење на Полкот за специјални операции, најелитната единица на АРМ

Припадниците на Полкот за специјални операции (пСО) денеска во касарната ,,Илинден“ во Скопје со воена свеченост го одбележаа денот на кој пред 24 години е формирана единицата, настан што е определен како ден на оваа најелитната единица на АРМ.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во своето обраќање истакна дека Македонија ја дефинираше својата стратешка цел, членство во НАТО и им се заблагодари на припадниците на Полкот за сето она што тие го направија да ја претстават Македонија во вистинско светло и да ѝ помогнат на својата земја да ги реши своите предизвици во тешки времиња. „Секој чекор напред кон НАТО – Алијансата ќе биде чекор напред за стратешките интереси на Македонија, за нејзиниот напредок, за нејзината стабилност. Ќе биде чекор напред за силата на Армијата на Република Македонија, но и чекор напред за стандардот и условите за работа на сите припадници на Армијата“, рече Шекеринска.

Во контекст на регионалната соработка, министерката најави дека припадници на полкот ќе бидат дел од воена вежба во Бугарија во октомври оваа година, на која ќе учествуваат поголем број земји од регионот.

Командантот на пСО, бригадниот генерал Орце Јордев, во својот говор пред присутните го истакна историското значење на овој ден за единицата, како и придонесот на специјалните единици во изградба на модерениот систем на обука на АРМ и градење капацитети за борба против современите закани. Притоа им порача на припадниците на полкот да продолжат и понатаму да бидат пример на посветеност и одговорност и да останат доследни во исполнувањето на вредностите од препознатливото мото на полкот „повеќе од можното“.

И покрај исклучително високите критериуми на селекција за прием во оваа атрактивна единица, на последните конкурси има голем интерес.

Со одлука на претседателот на Република Македонија за определување денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на пСО е одреден 1 март, датум на кој за првпат во Армијата на Република Македонија беше формирана единица за специјални намени под името „Волци“, а од ноември 2006 година извршено е преструктуирање на единицата во полк за специјални операции во чиј состав влегуваат баталјонот за специјални намени и ренџерскиот баталјон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП