5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШилегов: Наместо за граѓаните, водата поскапе за комплексот „Железара“

Шилегов: Наместо за граѓаните, водата поскапе за комплексот „Железара“

Советот на Град Скопје, на предлог на градоначалникот Шилегов, денеска како прва точка на дневниот ред ја стави и ја усвои новата зголемена цена што ќе ја плаќа како надоместок на трошоци за обезбедено доведување вода за „РЖ услуги АД Скопје“ (комплексот Железара).

За предлогот гласаа 38 советници, односно сите присутни на денешната седница.

Со оваа одлука Советот на Град Скопје законски го регулира надоместот за трошење  вода на овој индустриски капацитет.

Овој капацитет воопшто не плаќаше за оваа услуга во периодот од 1997 година до почетокот на 2016 година, кога „РЖ услуги АД Скопје“ почнаа да плаќаат симболична цена од 2,54 денари, а од 2017 година 3,55 денари за кубен метар вода. Сумата што ја плаќале досега е за 10 пати пониска од цената што ја плаќаат жителите на Скопје, а околу 16 пати пониска од цената што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје.

„Со новата цена што ќе ја плаќа ‘РЖ услуги АД Скопје’ ќе го подобриме и финансиското работење на ЈП ‘Водовод и канализација’ и се отвора доволно простор тоа да побара од Регулаторната комисија да ја преиспита цената на водата во градот Скопје, а јавното претпријатие да може да ги сервисира обврските што произлегуваат од изработка на колекторскиот систем и пречистителната станица во 2022 година“, рече градоначалникот Шилегов.

Со оваа одлука се воведува нова цена за услугата што ја добиваат „РЖ услуги АД Скопје“ имајќи ги предвид реалните трошоци на ЈП „Водовод и канализација“ за вршење на оваа услуга и со истата се предвидува скалесто поскапување, па до 2021 година треба да се изедначи со цената на водата што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје.

Цената на водата што ќе ја плаќа „РЖ услуги АД Скопје“ за 2018 година ќе изнесува 11,65 денари за кубен метар вода, во 2019 година 22,75 денари, 2020 година 34,20 денари, за во 2021 година истата да биде 46,63 денари за кубен метар вода.

За потсетување, овие компании на годишно ниво трошат екстремно големо количество вода, за минатата година имаат потрошено 4.857.073 кубни метри вода, или околу 30 проценти од вкупното количество од изворот Рашче.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП