3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕврејските огништа во Битола

Еврејските огништа во Битола

Масовното населување на Евреи во Битола се смета дека почнало во 1497 година според православниот, односно 5257 година, според еврејскиот календар. Тоа било резултат на масовно иселување на Евреите од Пиринејскиот Полуостров, односно со протерувањата од Шпанија, а подоцна и од Португалија. Податокот се зема како релевантен, од плочата поставена на врвот на портата од еврејските гробишта во Битола која недвосмислено потврдува период од точно 432 години.

Имено во периодот 1497-1929 (православен календар) година, исто што и 5257-5689 (еврејски календар) година, гробиштата биле незаштитени, а потоа во 1929 година се врши поставување на оградатата, се гради порталот на гробиштата кој е идентичен до ден денес, а на врвот се поставува плоча, сведок за минатото. Гробиштата биле во функција се до 1942 година, покажуваат истражувања кои денес ги врши здружението „Архам“-Битола со свои соработници од државата и странство.

Според податоци од турски документи, а кои се однесувале за населението во Битола во 15. и 16. век, во графа каде што се запишани маалата и еврејската општина “Cemet – i Jehudijan”. Според пописот од 1528-1529 година во Битола биле регистрирани 43 еврејски семејства, секое со свое огниште, а со пописот во 1568 година имало 285 еврејски семејства со околу 1.425 жители. Тогаш во тоа време, Битола имала вкупно 5.594 жители.

Еврејските маала и синагоги во Битола

За битолските Евреи со истражувачка посветеност и најмногу на ова поднебје, пишувал професорот по историја, битолчанецот Ѓорги Димовски-Цолев, кој во книгата „Битолските Евреи“ на повеќе од 400 страници фактографски го реархивирал животот на евреите, а пренесува и значајни автентични записи од многу патеписци меѓу кои и Лоренцо Бернардо од Венеција кој во 1591 година забележал…„Битола е мошне населено место, со 1.500 куќи од кои околу 200 се еврејски. Низ градот тече голема река, има безистен, изобилува со жито и тргува со восок, волна и кожи“.

Шпанските и португалските Евреи, познати како Сефардски Евреи, населувајќи се во Битола, како и насекаде во светот живееле свој посебен живот, прилагодувајќи ги своите народни и духовни потреби на условите на живот кој се одвивал околу нив, но центарот на нивниот општествен живот била нивната општина. Во Битола се споменуваат две еврејски општини и два храма (синагоги), односно синагогите „Арагон“ и „Португезис“.

Подоцна бројот на синагоги во градот се зголемува и достигнува седум, а два столбови од синагогата „Кахал Португал“ се зачувани до ден денес и се поставени на влезот од детскиот парк на Градското шеталиште во Битола.

Битолските евреи својот јазик не го именувале ниту како „ладино“ ниту како „шпански јазик“ и велеле ние „зборуваме на еврејски“. Еврејската населба во Битола ги зафаќала денешниот простор од Безистенот до Здравствениот дом во Битола, а подоцна оформиле нова населба наречена „Ла мале“, која се наоѓала од десната страна на реката Драгор, од дрвениот мост па се до хотелот „Солун“. Во градот имало и трета населба од Мас-пазар до „Пипер ан“ која се викала „Ла Табана“. Во т.н. центар на еврејската населба била синагогата„Ла Хавра“.

Вторник – пазарен ден во Битола од 1904 година

Евреите во Битола биле многу работливи, трудољубиви и заинтересирани за многу занаети кои им овозможувале да бидат препознатливи во градот, но и надалеку во Драч, Костур, Солун, Венеција, Дубровник. Според историчарот Ѓорги Димовски-Цолев битолските Евреи посебно се истакнувале со изработката и трговија на веленца, трговија со волна, чоја, восок, кожа. Освен што биле трговци извозници тие биле и внесувачи на странски дефицитарни стоки. Во битолската чаршија вриело од луѓе продавачи и купувачи. За да секојдневието им биде поубаво, попријатно, низ чаршијата дуќанџиите сами засадувале дрвца липи и лозници, а багреми биле садени од двете страни на реката Драгор кои и ден денес постојат преку нивно обновување. Во таква атмосфера се одвивал секој ден, посебно пазарниот ден кој за Битола бил одреден да биде во недела. Денот не бил погоден за христијанското население кое во недела претпладне секогаш одело во црква и затоа на барање на битолските еснафи и со одлука на османлиската власт од 12 март 1904 година, неделата била прогласена за неработен ден, а денот вторник за пазарен ден. Од тогаш, до ден денес во Битола пазарен ден е вторник.

Деновиве во Битола, Здравствениот дом во градот беше именуван со името на еден од пионерите на битолското повоено здравство д-р Хаим Абраванел, но токму Абраванел е значаен и за зачувувањето на лирски еврејски песни од времето на крајот на 19. век, како што на пример е песната „Љубовен копнеж“:

Dolor le amor Љубовен копнеж

Sjete anjos ke te konosi, Седум години се познаваме,

Grand amor je kon ti ankalsi, Голема љубов чувствувам кон тебе,

Ah, tu Dio lo kve me arites esto, Ах, Ти Боже, што ми направи

De alondzar medel mi kerido presto. И толку далеку ме оддели од драгиот.

Deja i nokje rogo jo a Ti, Дење-ноќе Ти се молам,

De tornar lo presto onde mi, Да ми го вратиш бргу саканиот,

Esto el para la entera vida, Го избрав за цел живот

Sina el kerido esto jo perida. И без него ќе бидам изгубена.

Кобното утро, 11 март 1943

За жал многу песни, приказни и поговорки останале незабележани, немелографирани затоа што своевремено во Битола не се посветувало на тоа некое посебно внимание, се до појавата на организираните спортски, музички, пејачки и други друштва кои се вклопувале во останатиот живот во градот. Пријателствата со другото население значеле и споделување на заеднички судбини, но и предизвици па затоа забележливо е учеството на евреите во Илинденското востание, активностите на ТМРО и вклученоста во антифашистичката борба во 1941 година. Во меѓувреме санкциите против Евреите не престанувале, па така во 1942 година тогашниот окупатор им наредил да живеат во помал станбен простор, забрането им било да користат автомобили, радиоапарати, телефони…се до одлуката кога кобното утро на 11 март 1943 година, 3.276 битолски Евреи беа депортирани.

Во 7 часот утрото, битолските Евреи ги напуштиле своите стари над 450 години, огништа!

Марјан Танушевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП