19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСовети за безбеден сообраќај во зима кои може да бидат корисни за...

Совети за безбеден сообраќај во зима кои може да бидат корисни за секој возач

Со оглед на фактот дека во земјата владеат зимски услови на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) објави потсетување на неколку правила поврзани со подготовката на автомобилот, мерките на претпазливост и возењето во зимски услови.

Советите од првиот дел се однесуваат на мерки и препораки за возење во зима и подготовка на возилото:

– Доколку не мора да патувате со автомобилот, користењето алтернативен превоз (такси, автобус) во лоши временски услови е секогаш подобро решение;
– Задолжително користете соодветна зимска опрема;
– Задолжително проверете ја техничката исправност на возилото и бидете сигурни дека возилото е во исправна состојба;
– Не загревајте го возилото во затворен простор, на пример, гаража;
– Не оставајте го возилото со недоволно гориво во зима. При евентуалното заглавување во снежно невреме, горивото ќе ви биде клучен ресурс;
– Проверете го нивото на антифриз, обезбедете соодветна течност за стакла за зимски услови и проверете дали бришачите се во исправна состојба;
– Добро запознајте се со временската прогноза и со рутата ако патувате на подолг пат;
– Известете ги блиските за дестинацијата, времето на поаѓање и планираното време на пристигнување во случај да патувате на подолг пат и во изолирани и планински места.

Следната група совети и препораки се однесуваат за возење на снег:

– Приспособете ја брзината на условите на патот;
– На снег и мраз за секој маневар е потребно подолго време, затоа потребно е да се предвиди повеќе простор за кочење, вртење, вклучување, престигнување;
– Растојанието до возилото пред вас треба да е поголемо од вообичаено;
– Забрзувањето и кочењето мора да ги правите мошне внимателно и забавено;
– За забавување на возилото најдобро е да се користи моторно кочење и да се избегнува притискање на сопирачката колку што е можно (доколку користете сопирачки, правете го тоа мошне полека, никако нагло или со силен притисок);
– Лесното додавање гас е најдобриот начин да се избегне излизгување на тркалата;
– Не додавајте гас на нагорнини и места со натрупан снег, кал или мраз;
– Не застанувајте на нагорнина бидејќи поаѓањето од место на замрзната нагорнина е многу тешко;
– На надолнините возете бавно, во ниска брзина и со моторно кочење.

Работи што може да ви користат и е добро да ги имате со себе при возење во зимски услови:

– Полнач за мобилен телефон за автомобил;
– Електрична ламба на батерии;
– Кабли за стартување на возилото;
– Кабли за влечење;
– Лопата за снег;
– Дополнителна топла облека или ќебиња и храна (за подолг пат).

Совети доколку останете заглавени во снежно невреме:

– Aко заглавите во снежно невреме, останете во возилото. Во секој случај тоа е најчесто најдоброто засолниште што ќе го имате, а така и полесно ќе ве најдат спасувачките екипи;
– Ако автомобилот работи, осигурајте се издувните цевки да не бидат прекриени со снег, мраз или кал. Блокираните издувни цевки може да предизвикаат навлегување на токсичниот јаглероден моноксид во автомобилот;
– Заврзете парче облека или платно со јака боја околу антената на автомобилот или заглавете го на еден од прозорците;
– Во темница можете да ја оставите запалена светилката која е на покривот од автомобилот бидејќи не троши многу од акумулаторот. Ова ќе помогне полесно да бидете лоцирани;
– Вклучувајте го моторот само онолку колку што е потребно да се ублажи неподносливиот студ.

Последната низа совети се однесува на паркирањето во зимски услови:

– Не оставајте ги бришачите во активна позиција бидејќи може лесно да се залепат на ветробранското стакло и да се оштетат;
– Исправете ги тркалата и под нив ставете цврст материјал за да може полесно да тргнете со возилото;
– Доколку е возможно, не паркирајте на нагорнина или надолнина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП