Автомобилите и автомобилските компоненти остануваат најважниот дел во извозот на Германија. Во минатата година од земјата се извезени автомобили, моторни возила и делови во вредност од 234,4 милијарди евра, станува јасно од податоците на Федералната статистичка служба, цитирани од „АР“.
На второ и трето место следат машините – со 183,6 милијарди евра, и хемикалиите и стоките од хемиската индустрија со 114,7 милијарди евра.
Во однос на увозот, автомобилите и деловите за автомобили исто така се на врвот со 114,6 милијарди евра. Следува опремата за обработка на податоци, електричните и оптичките производи во вредност од 112,7 милијарди евра и машини за 80,5 милијарди евра.
На овој начин Германија извезува повеќе автомобили и делови од моторни возила, отколку што увезува (вишок: 119,8 милијарди евра). Ова се однесува и за машините (103 милијарди евра) и хемиските производи (36 милијарди евра).
Повеќе стока се увезува отколку што се извезува, главно во сферата на суровата нафта и природниот гас, со надмоќ на увозот од 49,8 милијарди евра, и земјоделските производи (21,2 милијарди евра).