Европската комисија сака да го оданочува приходот на големите дигитални компании врз основа на тоа каде се наоѓаат нивните корисници, а не нивната локација. Планираниот нов данок за технолошките гиганти ќе изнесува до 5 отсто од бруто-приходите, објави „Ројтерс“, цитирајќи документ од Европската комисија.
Предлогот има за цел да го зголеми даночниот товар за компании како „Amazon“, „Google“ и „Facebook“, кои се обвинети од големите држави во ЕУ, дека плаќаат премалку, насочувајќи ја добивката кон земји со ниски даноци, како Луксембург и Ирска.
Планот потсетува на францускиот предлог за данок за израмнување, поддржан од неколку големи земји од ЕУ, според кој големите интернет компании треба да се оданочуваат според нивниот промет, а не според профитот. Сепак, планот најверојатно ќе се соочи со отпор од малите земји кои се плашат дека ќе станат помалку привлечни за мултинационалните компании.
Во документот се вели дека данокот треба да се применува за компании со приходи над 750 милиони евра (922 милиони долари) на глобално ниво и со приходи во ЕУ од најмалку 10 милиони евра годишно.
Предлогот е предмет на промена пред неговото објавување, што се очекува во втората половина на март. Некои од клучните бројки за стапките и праговите се во загради, што покажува дека се уште се работи на нив до конечната одлука.