1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев: Привлекување инвестиции преку инфраструктурно и енергетско поврзување со регионот и ЕУ

Заев: Привлекување инвестиции преку инфраструктурно и енергетско поврзување со регионот и ЕУ

Развојот на инфраструктурното и енергетското поврзување, како основа за привлекување на инвестициите, биле во фокусот на разговорите за време на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на ЕБОР во Лондон, каде што присуствуваше претседателот на Владата, Зоран Заев.

Тој изјави дека на Форумот било разгледано инфраструкторното поврзување меѓу земјите од Западен Балкан, но и поврзувањето на Балканот со земјите членки на Европската Унија.

„Зборувавме за коридорите, пред сè за Коридорот 8 и Коридорот 10, но и другите коридори кои поминуваат низ другите земји. Се работи за сериозни финансиски средства – проценката на Коридорот 8 е две милијарди евра, на делот на Македонија, на делот на Бугарија и на делот на Албанија. Се зборуваше за железничкото поврзување, патното поврзување, но и можноста да се пуштат и оптички кабли заради дигиталната агенда и поврзаноста на регионот. Зборувавме за проекти кои значат поддршка на енергетиката и производството на енергетиката, енергетското поврзување, но и секако поддршката на компаниите кои треба да инвестираат во целиот регион“, рече Заев и додаде дека сето ова на крајот треба да го подигне стандардот на македонските граѓани.

Првиот човек на Владата додаде дека на завршетокот на Панелот била презентирана платформата, каде што инвеститорите можат да ги добијат сите податоци на едно место, за шесте земји од Западен Балкан, што ќе им помогне да одлучат да инвестираат и за одлуките да учествуваат на тендерите во делот на изградбата на таа голема инфраструктура.

„Таму се значајни податоци, како што е и БДП-то на секоја земја, како што се вкупниот број жители, потенцијалите на невработеност, за да може и во тие микро-региони да се инвестира, да се намали процентот на невработеноста. Се работи за еден комплексен пакет, кој треба да овозможи граѓаните и на Македонија и на целиот регион да почувствуваат благосостојба“, заклучи Заев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП