3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА86 милиони евра од ЕБОР за реконструкција на регионални и локални патишта

86 милиони евра од ЕБОР за реконструкција на регионални и локални патишта

ЕБОР обезбедува 86 милиони евра за надградба на транспортната инфраструктура и зајакнување на регионалната интеграција на македонското јавно претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Надлежните информираат дека оваа втора транша во вкупен износ од 181 милиони евра, ќе послужи за финансирање на надградбата на 26 делови од македонската патна мрежа, која покрива над 400 километри од регионалните и локалните патишта во земјата.

„Ни претставува задоволство што придонесуваме во развојот на националната инфраструктура, и во регионалната интеграција на Западен Балкан, која е круцијална за поттикнување на трговијата и развојот. Ова ќе донесе подобрување на секојдневното живеење на ѓраѓаните, овозможувајќи развој и раст на деловните активности”, рече претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти.

Работите ќе опфатат реконструкција на горниот слој и потслоевите од патот со нов асфалт, како и замена на сообраќајната сигнализација, маркери на патот, кои се поставуваат по краевите и заштитни огради.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, истакна дека обезбедувањето одржлива инфраструктура е еден од развојните приоритети. Тој рече дека благодарение на соработката со ЕБОР забележан е добар напредок во обезбедувањето на подобар транспорт во земјата.

Во прватата фаза на имплементација на овој проект се реализираа реформи во делот на одржување на патиштата.Инвестициската програма вклучува и градење на институционалниот капацитет за зајакнување на националните стандарди за безбедност на патиштата, преку обука, спроведување ревизија и истражувања за безбедноста на регионалните патишта. Втората транша се надградува врз иницијативите од претходните проекти, и дополнително ќе ги олесни реформите во финансирање на патниот сектор. Дополнителни неповратни финансиски средства ќе се обезбедат за финансирање на техничката помош, што ќе помогне во зајакнување на финансиската одржливост на ЈПДП, вклучувајќи ревизија на постоечката тарифна методологија за формирање на износите на патарините, кои ги плаќаат корисниците на патиштата.

„Среќни сме што продолжуваме да работиме со Банката и што ќе ги направиме нашите национални и регионални патишта побезбедни и постабилни. Овој проект е главниот придонес за подобрување на регионалната и локалната патна мрежа и ја истакнува нашата посветеност за модернизација на нашата земја“, изјави директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.

Инвестицијата е делумно поддржана од Фондот на Централнo-европската иницијатива (ЦЕИ), обезбеден од Владата на Италија. Оттука се обезбедуваат неповратни средства за финансирање на компонентата за техничката соработка, во рамки на проектот. ЕБОР реализира проекти во Република Македонија од 1993 година, и до сега има инвестирано над 1.6 милијарда евра, во над 100 проекти во земјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП