21 февруари, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотпишан договор за државна поддршка со Групацијата ВИК – почетна инвестиција од...

Потпишан договор за државна поддршка со Групацијата ВИК – почетна инвестиција од 6 милиони евра и 60 нови работни места

Во Владата вчера беше потпишан договор за државна помош со германската компанија „ВИК груп“, која во ТИРЗ Прилеп гради фабрика за производство на мали електрични уреди наменети за домаќинствата.

Договорот во име на Владата го потпиша министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, а во име на инвеститорот, сопственикот на Групацијата ВИК, Христоф Дерн, и директорот на „ВИК Македонија“, Хелмут Румлер.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, истaкна дека станува збор за договор со кој во согласност со Законот за ТИРЗ се овозможуваат даночни и царински олеснувања за компанија и дека бизнис-планот на компанијата соодветствува со критериумите и мерките определени во планот за економски раст. Со тоа компанијата ќе има можност да користи државна поддршка по планот за економски раст, со што се отвораат можности за дополнителни инвестиции и нејзин развој.

„Со тоа што во Македонија доаѓааат компании од високоразвиените западни земји се покажува посветеноста на Владата кон привлекување нови инвеститори, на кои сме подготвени да им излеземе во пресрет. Особено сум задоволен што компанијата покажува подготвеност да соработува со македонското стопанство и што веќе се во потрага на доставувачи од Република Македонија. Владата ќе остане посветена на овозможување добри услови за работа на компаниите и за таа цела веќе е распишан тендер за изградба на приклучен пат кон зоната во Прилеп“, рече вицепремиерот Анѓушев.

Министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, информира дека станува збор за почетна инвестиција од 6 милиони евра и 60 нови работни места, со план во наредните пет години инвестицијата да достигне вредност од околу 12 милиони евра и илјада нови работни места.

„Оваа инвестиција ќе придонесе за севкупниот економски раст во Република Македонија, со посебен инпут во локалниот економски просперитет на градот Прилеп и неговата околина. Компанијата со своето работење ќе овозможи намалување на невработеноста во овој регион, ќе обезбеди вложување во човечкиот капитал преку обуки и трансфер на знаење, што ќе резултира со зголемување на квалитетот на работната сила. Потенцијалите се отворени и за поттикнување на развојот на домашните компании преку воспоставување деловна соработка со домашни доставувачи“, додаде министерката Апостолска.

Сопственикот на ВИК, Христоф Дерн, го изрази задоволството од соработката со Владата и другите институции со кои се во контакт и потенцира дека плановите на Владата за поддршка на стопанството се во согласност со стратешките приоритети на компанијата.

„Ја поздравуваме економската програма на Владата за поддршка на стопанството, која е во согласност со стратешкиот приоритет на ВИК да се развива локалниот пазар. Од клучно значење за нашиот успех ќе биде локално да се снабдуваме со производи и работна сила за да придонесеме за развојот на економијата на Република Македонија“, рече Дерн. Компанијата ВИК најави дека како општествено одговорна компанија дел од производството ќе функционира на енергија од соларни извори, со што ќе дадат придонес кон заштитата на животната средина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП