7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Сега младите фудбалери имаат услови за работа

Анѓушев: Сега младите фудбалери имаат услови за работа

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, присуствуваше на свеченото отворање на сместувачките капацитети за учесниците на ФФМ/УЕФА Елитната академија, кои се дел од спортскиот комплекс „Петар Милошевски“ на Фудбалската федерација на Македонија.

Вицепремиерот истакна дека отворањето на овој објект е од особено значење за развој на фудбалот и се заблагодари за поддршката од страна на Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) и Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), кои финансиски го помогнаа целиот проект.

„Станува збор за објект што е исклучително важен за развојот на спортот и фудбалот во Република Македонија, а особено е значаен за развој на младите категории каде што е коренот за успехот во секоја работа, вклучително и во спортот“, потенцира Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека за постигнување добри резултати потребна е напорна работа и добри услови, а со изградба на овој објект се добива комплекс што обврзува да се постигнуваат добри резултати.

„Фудбалот и политиката имаат одредени сличности. И ние политичарите и фудбалерите сме секогаш во фокус на јавноста, се очекуваат брзи одлуки и резултати. Лесно е да се навива од трибина, но на терен се постигнуваат резултатите. Со правилна и макотрпна работа, во добри услови, резултатите се подостижни. Сега младите фудбалери имаат услови за работа и се надевам дека во иднина ќе бидеме сведоци на една нова генерација македонски фудбалери која ќе ниже успеси и ќе носи радост за целата македонска јавност“, дополни вицепремиерот.

Вредноста на проектот е околу 800.000,00 евра, средства кои потекнуваат од FIFA Forward Development Programme, УЕФА развојни програми и средства на ФФМ. Комплексот е наменет за престој на учениците од фубалската академија во текот на училишната година, содржи 30 двокреветни соби, простории за селектори и стручни тимови, како и сала за состаноци, училница, кујна и трпезарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП