7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСугарески побара од Бугарија поддршка за обезбедување неповратни средства преку фондовите на...

Сугарески побара од Бугарија поддршка за обезбедување неповратни средства преку фондовите на Унијата

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески за време на неговата посета на Бугарија се сретна со неговиот бугарски колега, Ивајло Московски. На средбата, Сугарески потенцира дека на трите железнички делници кон Република Бугарија се работи според предвидената динамика и дека ќе се запазат роковите кои беа предвидени во Меморандумот за соработка што минатата година го потпишаа владите на двете земји.

Исто така министерот Сугарески го запозна министерот за транспорт на Република Бугарија и со плановите во делот на патната инфраструктура на Коридор 8, со посебен акцент на изградбата на автопатските делници и експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, како и проширување на патниот правец до граничниот премин Деве Баир.
Двајцата министри се согласија во интерес на проектите што се од регионално значење, двете држави да настапуваат заеднички во обезбедување на финансиски средства за реализација на конкретните проекти.

“Во рамките на заедничките заложби на двете влади на Република Македонија и Република Бугарија, денеска остваривме работна средба со мојот колега и пријател Московски, на која разговаравме за проектите што ги реализираме во двете земји, а кои се од огромно значење за регионалниот развој и поврзување. Тука ќе ги спомнам проектите во патната и железничката инфраструктура. Особено е значајно што остваруваме вакви билатерални средби, бидејќи полесно ги договараме следните чекори кои ги преземаме и двете влади за остварување на нашите агенди за транспортно поврзување. Денешната средба беше плодна, отворивме и други прашања во делот на патниот сообраќај и очекувам дека ваквата комуникација ќе продолжи и понатаму, се со цел заеднички да работиме за доброто на двете земји и на нашите граѓани”, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Сугарески побара дополнителна поддршка од Република Бугарија како земја претседавач со Европската Унија за обезбедување на неповратни средства преку фондовите на Унијата за реализација на проекти што се од капитално значење за Република Македонија. Исто така се разговараше и за поддршката која Република Бугарија и ја дава на Република Македонија за евроинтегративните и евроатланските процеси.

Двајцата министри разговараа и за други прашања од надлежноста на двете министерства, ги поздравија напорите на двете влади за остварување на заедничките интереси и се согласија во име на добрите односи, ваквите средби да се интензивираат за зголемување на регионалната соработка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП