2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСофтверски ќе се решава проблемот со нелегалните станоиздавачи во Охрид

Софтверски ќе се решава проблемот со нелегалните станоиздавачи во Охрид

objekti-adora-ohrid-01s

Решавање на проблемот со нелегалните станоиздавачи, активирање софтвер за пријавување гости и состојбата со викенд становите, се главна тема на денешниот состанок на претставници од Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид со надлежните институции.

Целта на состанокот, според секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, е решавање на проблемите во пресрет на претстојната туристичка сезона.

– Наша тенденција е во иднина да градиме елитен туризам. Туризам заснован врз основа на сите европски стандарди, пропишани во оваа област. Состанокот е почеток на внатрешна координација на сите надлежни институции со цел тоа да стане минато за Охрид. Наша заедничка заложба е од оваа година Охрид да го претставуваме во едно поинакво лице, кое ќе значи нов почеток, нов развој на туризмот, а несомнено главен дел од таа активност е преземањето сериозни мерки, рече Спасески.

Тој посочи дека се прават максимални напори софтверски да се поврзат Секторот за туризам и локален економски развој, СВР Охрид и Управата за јавни приходи. Гостите кога ќе пристигнат во градот да можат компјутерски да се пријават, а сите институции да имаат директен увид на бројот и начинот на сместување.

– На овој начин ќе се надминат проблемите кои години нананзад се провлекуваа во однос на нелојална конкуренција и сместување, под стандардите кои треба да се обезбедат, нагласи Спасески.

Викенд становите, според него, претставуваат нелегална конкуренција за сите што се занимаваат со туристичка дејност, но и оти има запуштени и што не се одржуваат, односно функционираат два или три месеци.

– За нас е особено важно одржувањето на заедничките простории, како што се ходници, паркови и слично, зашто во Охрид честа појава е во една зграда да има три стана во кои живеат постојани жители, а останатите да се викенд станови со кои имаме проблеми пред се од овој аспект. Во областа на туризмот свесни сме дека се нанесува штета пред се во делот со нелегално издавање на таквите станови. Тоа ќе ни биде во фокусот, подвлече секретарот на општина Охрид.

Сопствениците, додаде Спасески, имаат право на сопственост и да ги користат така како што тие сакаат, но наша грижа е заедно со надлежните државни институции да го спречиме нелегалното експлоатирање на тие станови. – Секој оној кој ќе сака да го издава сопствениот стан да си влезе во процесот на категоризација како што се пропишаните правилници и норми. Доколку не влезе, наша обврска е да ги категоризираме во нелегални станоиздавачи и да постапуваме соодветно со сите можности кои ни ги дава законот и соодветните правилници, рече Спасески.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП