3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиндикатот на ЈП „Водовод и канализација“ е против укинувањето на надоместокот за...

Синдикатот на ЈП „Водовод и канализација“ е против укинувањето на надоместокот за успешност

Самостојниот синдикат при ЈП „Водовод и канализација“, кој е во состав на Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија (КСС), остро реагира на изјавата на директорот на Јавното претпријатие, Душко Весковски, во која ги искажува своите намери за укинување 10 отсто од платите што се исплаќаат во претпријатието за успешност на вработените.

Од синдикатот наведуваат дека овие 10 отсто произлегуваат од правилникот за плата и надоместоци за плати, како и од колективниот договор уште од формирањето на ова претпријатие во 1992 година.

„Потенцираме дека овие 10 проценти од платата се пресметувани во согласност со правилникот за плати и надоместоци на плати на работно место на ЈП ‘Водовод и канализација’, каде што е утврдено дека платата на работникот е составена од основна плата и дел од плата за работна успешност, односно мотивација или стимул во тековниот месец. Во никој случај не се работи за награда, туку за дел од платата. Овој стимулативен дел од платата им се одзема на оние вработени што не покажале успешност и ефикасност во работата“, се вели во реакцијата на синдикатот.

Од таму наведуваат дека политиката на директорот очигледно не е во насока на подобрување на стандардот на работниците и претходно ветените плати, туку во насока на еднострано прекршување на колективниот договор на штета на работниците.

„Се надеваме дека ваквата изјава на директорот на ЈП ‘Водовод и канализација’ нема да се преточи во одлука и дека сите недоразбирања, конечно, ќе почнат да се решаваат преку социјален дијалог и партнерство, во спротивно синдикатот ќе биде принуден да ги преземе сите легитимни мерки во одбрана на работниците и нивните права“, се вели во реакцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП