4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА45-те милиони евра од ТАВ, не се инвестиција туку обврската за неизградениот...

45-те милиони евра од ТАВ, не се инвестиција туку обврската за неизградениот аеродром во Штип

Владата и официјално го трампаше неизградениот карго аеродром во Штип за инвестирање во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта.

Утрово владината прес служба соопшти дека премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот без ресор Аднан Ќахил е во посета на Турција, утврдил дека Групацијата ТАВ, концесионер на македонските аеродроми, ќе инвестира 45 милиони евра за решавање на локални инфраструктурни пробеми. Во владиното соопштение 45- те милиони беа претставени како инвестиција, без да се спомене обврската на ТАВ за неизградениот карго аеродром во Штип, па портпаролот Миле Бошњаковски го дообјасни.

„Денес во Турција беше утврдено дека парите место за карго аеродром ќе се наменат за градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта. На средбата не беа утврдени рокови во кои треба да се реализира донацијата, тоа е процес кој сега почнува“, рече владиниот портпарол Бошњаковски.

Тој нагласи дека Владата одлучила со анекс на договорот за концесија да направи пренамена на парите предвидени за изградба на карго аеродромот за што било расправано на 46 и на 48 седница.

„Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, информира за одржаната средба со генералниот директор на компанијата ТАВ Аеродроми-Скопје и за неможноста за изградба на аеродром во Штип, поради немање услови за изградба, физибилност, одржливост и слично и укажа на потребата членовите на Владата да ја разгледаат можноста средствата во износ од околу 45 милиони евра предвидени за оваа намена, согласно Договорот за концесија, каде би можело да бидат искористени, односно пренаменети/инвестирани во некои други области (пр. училишта, болници, потреби на државата и слично)“, стои во записникот од 46 седница, одржана на 28 декември, лани.

ТАВ ги презема аеродромите во март 2010 година и се обврза на инвестиција од 200 милиони евра, во модернизација и изградба на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и на охридскиот „Св. Апостол Павле“ заедно со обврската по 10 години да изгради и карго аеродром во Штип, откако ќе биде изготвена метеоролошка студија за локацијата. Според тогашните најави, аеродромот во Штип беше пресметано дека ќе ги чини околу 60 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП