2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФормиран Национален совет за информатичка и компјутерска технологија

Формиран Национален совет за информатичка и компјутерска технологија

Со денешниот прв состанок почна работата на Националниот совет за информатичка и компјутерска технологија (ИКТ). Со него ќе претседава Владимир Цветковиќ, советник за ИКТ на претседателот на Владата, а замени-претседател е министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Покрај нив, членови на овој совет се Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Венко Филипче, министер за здравство, Драган Тевдовски, министер за финансии, Билен Саљији, министер за правда, Рената Дескоска-Тренеска, министер за образование и наука, Петре Шилегов, претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Сашо Димитријоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации.

Првата задача што пред себе си ја поставија министрите и другите членови на Националниот совет за ИКТ е да направат детаљна анализа на постојната состојба во однос на информатичко-компјутерската технологија во ресорите со кои раководат, но и анализа за нивните потреби.

Врз основа на податоците што ќе ги даде анализата, Советот ќе изготви, а потоа и ќе ја следи, имплементацијата на националната ИКТ-стратегија.

„Постои голема хаотичност како во министерствата така и во сите други институции. Оваа стратегија ќе дава јасни патокази каде грешиме и во од ќе можеме да ги решаваме проблемите“, истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Исто така, во наредниот период ќе биде формирана и дигитална коалиција, во која ќе учествуваат претставници на стопанските комори, академската заедница и граѓанското општество.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП