2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски: Искористувањето на ИПАРД-програмите e најдобар начин за приближување до европското земјоделство

Николовски: Искористувањето на ИПАРД-програмите e најдобар начин за приближување до европското земјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Охрид присуствуваше на работилницата за имплементација на ИПАРД-програмите, на која беа и првите луѓе од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската Унија (DG Agri) и од Постојаната работна група за регионален рурален развој – SWG, како и директори и претставници на платежните агенции од Хрватска, Турција, Црна Гора, Србија, Албанија и од Косово.

Како што информираат од Министерството, претставниците од платежните агенции на работилницата ги презентирале своите искуства во користењето на европските фондови, проблемите со кои се соочуваат, но изнеле и предлози за поефикасна искористеност на ИПАРД-програмите.

Министерот Николовски ги посочил искуствата на Република Македонија во користењето на европските фондови потенцирајќи дека се направени анализи, детектирани се слабостите и веќе се адресираат за решавање со цел да не се повторат истите грешки и во искористувањето на ИПАРД II.

„Едно од горливите прашања во ИПАРД е соодветната екипираност на надлежните институции, односно на Платежната агенција и на телото за управување со ИПАРД. Владата на Република Македонија го детектира овој проблем и веќе во тек е процесот за првите нови вработувања и нивната кадровска екипираност.

Пред Платежната агенција и пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство стои голем предизвик со реализација на ИПАРД II. На првиот јавен повик од ИПАРД-програмата 2014-2020, кој беше реализиран лани, имаме рекордно голем број добиени барања за кофинансирање од ИПАРД. Пристигнати се 1.649 барања и побарани над 55 милиони евра за кофинансирање, а целата ИПАРД-програма 2014-2020, која може да се користи до 2023 година, изнесува 60 милиони евра. Пред нас е предизвикот да се обработат сите барања и да се потпишаат договори со корисниците и оваа година да имаме исплати за што Платежната агенција прави големи напори за да се забрза овој процес“, изјавил министерот Николовски.

Воедно, министерот потенцирал дека Владата континуирано ќе преземама мерки што ќе го помагаат процесот на поголема искористеност.

„Еден од проблемите со кој се соочуваат потенцијалните корисници на ИПАРД-програмите е недостиг на средства за реализација на инвестицијата и затоа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со другите институции забрзано работи на воспоставување механизам, односно гарантен фонд, кој би овозможил предфинансирање не само за ИПАРД-програмите, но и за генерирани инвестиции во агробизнис-секторот“, рекол Николовски.

Исто така, министерот Николовски, денеска остварил и работен состанок со првите луѓе од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската Унија (DG Agri), на кој се разговарало за статусот и динамиката на примените апликации на последниот повик за ИПАРД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП