1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Париз – Американската компјутерска компанија ИБМ оваа година ќе затвори во Франција 689 работни места, од вкупно 9.700 колку што ги има информатичкиот гигант во оваа земја. На крај на април оваа година, тој светски лидер во секторот за информатика претстави разочарувачки квартални резултати, за прв пат од 2005 година, пишува францускиот весник Капитал. Во ова тромесечје ИБМ забележа пад на нето профитот од 1,1 отсто на 3,03 милијарди долари, т.е. 2,70 долари по акција.

Париз – Централната банка на Франција повлече многу контроверзен потег, повикувајќи ја владата да ја намали потрошувачката и да избегне нов раст на даноците. Гувернерот на централната банка Кристијан Нојер до владата упати писмо еден ден пред извештајот на Европската комисија за состојбата и прогнозите за економиите во ЕУ. Се очекува дека Комисијата ќе го зголеми притисокот на неколку земји, а посебно на Франција, поради забрзано спроведување на структурните реформи кои се сметаат за единствен добар начин за поттик на растот и создавање на нови работни места.

Франкфурт – Компанијата Генерал Електрикс објави дека Клиф Харис ќе ја преземе позицијата на генерален директор за Европа во рамки на секторот за обновлива енергија на компанијата, почнувајќи од 1 јуни. Харис до сега бил на позиција генерален директор на секторот за услуги на терен, соопштија од ГЕ. – Европа е и продолжува да биде многу важен регион за нашата дејност. Со долгогодишно искуство во компанијата ГЕ и енергетиката, Клиф се позиционираше како некој кој добро го води конктинуираниот раст на примена на технологии на обновлива енергија на ветерот и услугите на компанијата ГЕ ширум регионот – рече потпретседателката на секторот за обновлива енергија на компанијата ГЕ, Ен Мекенти.

Берн – Надворешната трговија на Швајцарија бележи позитивни резултати во април оваа година, пред се благодарение на зголемениот број на работни денови во тој месец, во однос на ланската година, а извозот на часовници е зголемен за 5,7 отсто. Вредноста на швајцарскиот изво скокна за 11,6 отсто, додека увозот порасна за 9,2 отсто. Меѓутоа кога резултатите ќе се корегираат со разлика од два работни дена вишок, излегува дека извозот во истиот месец всушност стагнирал (+ 0,5 отсто) на вредност од 17 милијарди франци, стои во соопштението на швајцарската Сојузна управа на царината.

Берлин – Германскиот производител на автомобили Фолксваген и водечкиот синдикат на металските работници ИГ Метал постигнаа договор за зголемување на платите за 102.000 работници во таа компанија. Платите на вработените во Фолксваген во фабриките во Волфсбург, Браунсвајг, Хановер, Салцгитер, Емден и Касел од 1 септември ќе бидат зголемени за 3,4 отсто, а од 1 јули 2014 година за нови 2,2 отсто, наведено е во соопштението на Фолксваген и синдикатот. Синдикатот ИГ Метал побара зголемување на платите 5,5 отсто за период од една година.

Берн – Според податоците на швајцарскиот Федерален завод за статистика животниот стандард во Швајцарија е меѓу највисоките во Европа, а пред таа земја се само Луксембург и Норвешка. Меѓу европските држави постојат големи разлики во квалитетот на животот, а во новите членки на ЕУ голем број на луѓе не можат да си дозволат комплетен оброк секој втор ден. Животниот стандард во Швајцарија, мерен по расположливите приходи, изразени во куповната моќ, во 2011 година се најде на трето место во Европа, според истражувањето на швајцарскиот Завод за приходи и услови за живот во европските држави.

Љубљана – На листата на компании во сопственост на државата, кои словенечката влада има намера да ги продаде на есен, можат да се најдат и осигурителната куќа Триглав и енергетската компанија Петрол, објавија словенечките медиуми. Деловниот дневник Финанс објави информација, добиена од неименуван извор во владата, дека листата од 15 компании и банки кои владата има намера да ги продаде и целосно да се повлече од сопственоста е прекуса и дека на неа најверојатно ќе се најдат и некои поголеми компании како што се Триглав и Петрол.

Париз – Довербата на потрошувачите во Франција во мај оваа година повторно падна, така се наоѓа на најниско ниво за последните пет години, соопшти францускиот Национален институт за економија и статистика. Композитниот индекс на довербата на потрошувачите во мај 2013 година изнесувал 79 поени, што е за четири поени помалку во однос на април, додека аналитичарите во просек очекуваа 85 поени, пренесе францускиот весник Капитал.

Берлин – Кинескиот премиер Ли Кечијанг изјави дека неговата земја е соочена со големи предизвици, со оглед на зацртаниот годишен раст од 7 отсто на БДП во оваа деценија, што е значително пониско во однос на растот од претходните 10 години. – Потребно е кинеското стопанство да расте со темпо од 7 отсто за до 2020 година дупло да го зголеми БДП по жител – изјави Ли во текот на неговата прва посета на Берлин во функција на премиер.

Пекинг – Кина ќе ја намали царината на увоз на швајцарски часовници во рамки на договорот за слободна трговија меѓу Берн и Пекинг, кој треба да биде потпишан во јули. – Првата година ќе ја намалиме царината на швајцарски часовници за 18 отсто а секоја следна година по 5 отсто, така во следните 10 години таа ќе биде намалена за околу 60 отсто, соопшти кинеското министерство за трговија.

Каракас – Венецуела е подготвена да го намали производството на нафта ако Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК се одлучи на таа мерка заради одржување на цените на тој енергенс, изјави венецуеланскиот министер за енергетика Рафаел Рамирес. – Имаме заедничко производство од 30 милиони барели дневно, кое можеме да го задржиме на тоа ниво за да ја одржиме цената од 100 долари по барел – изјави Рамирес пред собирот на членките на ОПЕК во Виена.

Токио – Јапонија лани ја задржа позицијата на најголем светски кредитор 22 години по ред, бидејќи јакнењето на доларот помогна во зголемувањето на вредноста на активите во странство, покажаа објавените податоци на јапонската влада. По Јапонија, на листата на земјите кои се најголеми кредиторит следат Кина и Германија, што говори дека постои разлика меѓу вредноста на активите во странство, вклучувајќи го надворешниот долг и имот.

Рим – Трошоците на задолжувањата на Италија паднаа на денешната аукција на обврзници, со која се собраа 3,5 милијарди евра, еден ден пред очекуваното укинување на строгата контрола на државната потрошувачка од страна на Европската комисија. Официјален Рим продаде обврзници вредни 2,5 милијарди евра со рок на доспевање во декември 2014 година, со каматна стапка од 1,113 отсто, во однос на 1,167 отсто од минатомесечната аукција. Исто така продадени се должнички хартии врзани за инфлацијата вредни 987 милиони евра, со рок на доспевање во септември 2018 година, со приноси од 1,83 отсто, во однос на 2,16 отсто од март.

Њујорк – Американскиот производител на луксузен накит Тифани наведе дека нето профитот во првиот деловен квартал пораснал за 3 отсто, додавајќи дека приходите се зголемени во сите региони. Резултатите ги надминаа очекувањата на Волстрит, а акциите на компанијата скокнаа за 6 отсто во трговијата пред отварањето на берзата идниот ден. Продажбата на Тифани е показател за потрошувачката на луксузна стока, а најновите податоци укажуваат на отпорност на богатата клиентела наспроти економските предизвици ширум светот. Компанијата и покрај тоа е внимателна и наведе дека ќе ја задржи претходната прогноза за профитот.

Москва – Во првото тромесечје оваа година руската нафтена компанија Лукоил оствари за 32 отсто помал профит од истиот период лани. Компанијата соопшти дека во првите три месеци остварила добивка од 2,58 милијарди долари, во споредба со 3,79 милијарди од јануари до март минатата година. Главната причина за пад на профитот биле негативните ефекти од курсните разлики на динамиката на расходите за данокот на добивка.

Њујорк – Меѓународната бонитетна агенција Стандард и Пурс соопшти дека го намали долгорочниот кредитен рејтинг на Комерцбанка, наведувајќи дека пред втората по големина германска банка стои тежок период на доведување на финансиската состојба во ред. Агенцијата кредитниот статус на Комерцбанка го намали за 1 степен на А- со негативна прогноза, која значи дека рејтингот наскоро може да биде дополнително намален, можеби на БББ+, ако моменталното влошување на економските услови ги загрози напорите на банката да ја намали својата изложеност на ризици.

Њујорк – Растот на цените на недвижнините во 20 најголеми градови во САД е зголемен во март за 10,87 отсто во однос на истиот месец лани, покажа индексот S&P/Case-Shiller. Тоа е најголем годишен раст во последните седум години, од април 2006 година, објавено е во Њујорк. Проценката на 30 аналитичари кои ги анкетираше Блумберг предвиде во просек раст на цените на недвижнините за 10,2 отсто.

Цирих – Американските клиенти на швајцарската приватна банка Julijus Ber обавестени се дека се вклучени во истрагата на американските власти околу затајување на данокот, пишува швајцарскиот весник dnevnik Noje cirher cajtung (NZZ). Американските даночни власти побараа помош од швајцарските колеги во истрагата на одреден број на американски граѓани, кои се осомничени дека на сметки на швајцарската банка имаат непријавени средства, пишува весникот. – Потврдуваме дека го примивме барањето од федералните даночни власти на Швајцарија, во кое од нас се бараат информации во рамки на договорот меѓу Швајцарија и САД, за двојно даночење. Моментално работиме на пружање на дадените информации на швајцарските власти – рече портпаролот на банката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП