12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПред холандски компании презентирани можностите за инвестирање во Македонија

Пред холандски компании презентирани можностите за инвестирање во Македонија

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денес во Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни (ДТИРЗ), Александар Младеновски, пред повеќе холандски компании во Македонија ги претстави владините мерки за индустриски раст и зголемување на конкурентноста.

„Мерките се транспарентни, се однесуваат како на домашните така и на странските компании, сите ќе бидат третирани еднакво“, рече министерката Апостолска притоа нагласувајќи дека целта e генерирање економски раст базиран на креирање нови и високоплатени работни места.

Во своето обраќање Апостолска посочи дека мерките се конципирани и во насока на поддршка на соработката со домашниот сектор и стимулирање отворање технолошко-развојни центри во рамките на компаниите.

Директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, ги претстави поволностите што државата ги нуди во технолошко-индустриските развојни зони, притоа осврнувајќи се и на предностите што ги има Македонија како поволна бизнис-дестинација во однос на земјите од регионот.

Претставниците на холандските компании беа информирани дека законското решение во кое ќе се преточат мерките од планот за економски раст на Владата е во финална фаза на подготовка и најбргу што може ќе биде јавно достапно за сите заинтересирани страни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП