Извозот на македонски земјоделски производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се праските, доматите, зелката, сливите, цигарите.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека благодарение на промотивните настани се очекува асортиманот на македонски земјоделски производи да се збогати со нови, како што се македонските вина и млечните производи. Извозот на земјоделско-прехранбени производи од Република Македонија во Русија во 2017 година изнесува 30,2 милиони евра. Од МЗШВ додаваат дека Русија е заинтересирана за извоз на житни и зрна во Македонија, а најмногу за извоз на пченица.
Токму потребата од унапредување на трговската и економската соработка помеѓу Македонија и Русија била потенцирана на средбата што денеска во Москва ја оствариле министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и министерот за земјоделство на Руската Федерација, Александар Ткачов.
Николовски во рамките на тридневната посета во Москва посочил дека Владата на Република Македонија ќе ја продолжи поддршката на македонските компании за промоција на нашите земјоделско-прехрамбени производи на рускиот пазар преку поддршка за нивен настап на најголемите саеми во Москва, како што е актуелниот „Продекспо“ и „Светот на храната“.
Ткачов порачал Македонија да продолжи со промоција и збогатување на асортиманот со нови македонски производи за кои има интерес на пазарот во Русија. Од МЗШВ соопштуваат дека на работниот состанок, на кој од македонска страна присуствувале амбасадорот на Република Македонија во Русија, Гоце Карајанов, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски, и директорот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, се разговарало и за унапредување на соработката во областа на фитосанитарниот надзор. Воедно, на средбата двајцата министри споделиле искуства и за експертска помош од страна на Русија за македонската фитосанитарна инспекција во согласност со потпишаниот меморандум за соработка.
Николовски денеска присуствувал и на најголемиот саем за широка потрошувачка „Продекспо“. Од Министерството за земјоделство истакнуваат дека на овој саем годинава своите производи ги претставуваат шест македонски компании, чиј настап е во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Саемот „Продекспо“ се одржува секоја година во февруари, на вкупна површина од 100.000 м2, а со свои штандови присуствуваат претставници од над 2.000 компании од повеќе од 60 земји од светот.