4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦУК препорачува - Внимателно движење покрај реките Вардар, Треска, Црна и Пчиња

ЦУК препорачува – Внимателно движење покрај реките Вардар, Треска, Црна и Пчиња

Од последните информации од терен, високи водостои се забележуваат кај сите реки во државата, а особено кај реките Вардар, Треска, Црна, Пчиња. Од Центарот за управување и кризи информираат дека сè уште има локални излевања и појава на заезерени површини.

„Поради појава на локални излевања, препорачуваме внимателно движење покрај реките и суводолиците особено во сливовите на реките Вардар, Треска, Црна, Пчиња. Од горните сливови притисокот се префрла во рамниците и пониските делови од речните басени“, велат од ЦУК.

Врнежите и топењето на снегот од планинските предели предизвикаа покачувања на водостоите на целата територија на Република Македонија. Особени покачувања на водостоите и излевања на водите беа и се забележуваат во сливовите на реките Вардар и притоките во горниот тек, Треска и притоките на р.Треска, Радика, Црн Дрим, Сатеска, Голема Река, Црна Река и притоките во горниот тек. Има поплавени објекти и земјоделски површини и тоа во тетовско, охридско, кичевско, демирхисарско, Македонски Брод и Самоков.

Со престанувањето на врнежите се бележи постепено намалување на водостоите на хидролошките станици од погорните сливни подрачја, па така уште вчера беа забележани намалувања на водостоите кај станиците Бошков Мост-Радика, Ботун-Сатеска, Ресен-Голема, Влив-Лепенец, Јегуновце-Вардар, Доленци-Црна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП