25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрезентирани мерките за намалување на смртноста на доенчињата и родилките

Презентирани мерките за намалување на смртноста на доенчињата и родилките

Заштитата и унапредувањето на здравјето на граѓаните на Република Македонија мора да почне непосредно од раѓањето на една индивидуа, истакна на вчерашната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, на која изрази уверување дека со неговите соработници ќе работат напорно за да стават крај на црната статистика на смртност на новороденчиња и на родилки во земјава.

„Во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА, подготвивме пакет на мерки кои, силно веруваме дека ќе придонесат за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките. Со нив ќе се подобри и целокупната грижа за мајките и нивните бебиња додека се во болница“, најави министерот.

Филипче нагласи дека според Светската здравствена организација смртноста на родилките е последица на делумната неодговорност на трудниците, но и дека пред се таа се должи на недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките во здравствените установи.

„Кога станува збор пак, за смртноста на новороденчињата, сакам да потенцирам дека таа во голема мера е последица на несоодветната грижа на мајката за своето здравје додека е бремена. Имено, сите податоци укажуваат на фактот дека најголем процент од починатите бебиња се родени предвреме. Малата родилна тежина, но и екстремна незрелост на виталните органи – белите дробови, црниот дроб и нервниот систем, доведуваат до фатален исход. А предвременото породување, од друга страна, е последица на инфекции кај мајката во уринарниот тракт или на репродуктивните органи. Затоа апелирам до идните мајки да бидат поодговорни и редовно и без исклучок да одат на гинеколошки прегледи“, рече министерот.

Во таа насока тој презентираше дел од мерките кои треба да се спроведат, за во земјава да се сведе на минумум ваквата црна статистика. Во делот на краткорочни, односно мерки кои ќе се имплементираат во период од 3 месеци министерот го најави ревидирањето на упатството базирано на докази за постапување при пост-породилно крварење, по кое ќе постапуваат сите здравствени установи каде се изведуваат породувања. Тој истакна и дека подготвени се упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето. Вклучени се и упатства за постапување при покачен притисок кај мајката, комбиниран со високо ниво на протеини во крвта.

Министерот исто така потенцираше дека ревидирани се и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња. Со усвојување на стандардите за гинеколошките ординации на примарно и секундарно нивно, како и за родилишта во болниците и во клиниките, жените и мајките ќе добиваат квалитетни здравствени услуги. Со тоа и клиничките болници во Тетово, Штип или Битола ќе нудат подеднакво квалитетни услуги како клиниката за Гинекологија во Скопје.

Филиче рече дека во Република Македонија недостига методологија по која ќе се детектираат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата. Дел од мерките е и изработка на ваква методологија, по теркот на Светската здравствена организација. Министерот подвлече и дека во согласност со новите мерки во секое време во родилиштата ќе мора да бидат достапни живото-спасувачките лекови за мајките и новороденчињата, согласно листата на Светската здравствена установа и фондот за население на Обединетите Нации.

На подолг рок, односно во следните 6 месеци Филипче најави спроведување обуки на стручниот кадар за ефикасна грижа на родилките и новороденчињата, како и неонатолошки обуки на педијатрите на секундарно ниво, согласно препораките на СЗО.

„Поради недостиг на педијатри во неонатолошките и педијатриски одделенија, во следните 6 месеци ќе вработиме доктори кои или се на крај со својата специјализација или кои веќе специјализирале во овие области“, рече министерот.

Во следните 12 месеци ќе ги акредитираме најголемите родилишта во земјава, односно Гинеколошко – акушерската клиника во Скопје, болницата во Чаир, како и трите клинички болници во Тетово, Битола и во Штип. Но, според стандарди за родилишта, а не според општи болнички стандарди, нагласи тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП