ЕКОНОМИЈА

Самит за вложувања во инфраструктурата на Западен Балкан

infra

Во организација на Меѓународната истражувачка мрежа (ИРН) денеска во Виена почнува дводневен самит на инфраструктурата и градежништвото за Западен Балкан, јави Танјуг.

Целта на самитот е поврзување на владите на балканските земји, меѓународните финансиски институции и потенцијалните инвеститори.

На собирот ќе учествуваат претставници на влади и министри на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Хрватска и Албанија, како и претставници на меѓународни финансиски институции и странски инвеститори.

Претставници на владите ќе имаат можност потенцијалните инвеститори да ги информираат за стратегиите и идните инфраструктурни проекти, додека инвеститорите, покрај останатото, ќе можат и да се информираат за процесот на усогласување на правната регулатива на балканските земји со регулативите на ЕУ и да се запознаат со јавно-приватното партнерство на Балканот.

ИРН, чие седиште е во Лондон, истакнува дека самитот е можност потенцијалните инвеститори да се сретнат со претставници на владите, директорите на компаниите од различни инфраструктурни сектори како и да слушнат од прва рака за проектите за кои се распишани тендери.

Тема на самитот ќе биде сообраќајната, енергетската и водостопанската инфраструктура на Западен Балкан.