4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПесна на Томислав Османли објавена во грчкото списание „Енекен“

Песна на Томислав Османли објавена во грчкото списание „Енекен“

Во најновиот, 46. број на грчкото списание „Енекен“ објавена е песната „Љубов“ (Έρως) од Томислав Османли. Како што е познато, македонскиот автор за оваа песна меѓу стотината пристигнати творби ја доби првата награда на меѓународниот конкус „Антево слово“, првпат распишан годинава како дел од меѓународната поетска манифестација „Ил Парнасо“, која неодамна се одржа на Сицилија, Италија.

– Песната „Љубов“ ја напишав неодамна, на грчки јазик, и таа е посветена на родниот град на мојата мајка, што и јас го чувствувам како топол предел на моите корени, но и како древна порта кон сончевите и топли предели и цивилизации на Медитеранот – вели авторот Томислав Османли.

Главниот уредник на списанието „Енекен“, истакнатиот грчки поет Јоргос Јанопулос, интелектуалец со левичарска и демократска ориентација, денес во пост на својот фејсбук-профил, во кој ги претставува прилозите во најновиот број на „Енекен“, по повод творбата на нашиот автор и вознемирените духови и развојот на настаните, пред сè, во неговата земја, го пишува следниот исклучителен исказ:

– Во време во кое измамници, политички шарлатани и социјални криминалци во душите на луѓето го вшприцуваат евтиниот, но корозивен отров на национализмот, расизмот и нетолеранцијата, автентичните поети – оние што од врвот до дното на своите личности лачат љубов кон ближниот – во знак на отпор кон времињата и омразата, создаваат химни за човечките благодати, ги слават љубовта, слободата, воздухот и земјата по која газиме, опојниот мирис на цвеќињата, погледот упатен кон височините, убавината, уметноста на зборот. Еден таков голем автор, Томислав Османли, роден во Битола, напишал песна химна за Солун. Писател со значајно книжевно дело, Османли, кој од страната на мајка си потекнува од старо граѓанско семејство на градот, нè потсетува дека страстите и создавањето човечки суштества е скапоценото богатство на секое општество, чие одгледување и одбрана го носат името на достоинството и на слободата. Неговата песна „Љубов“ („Ерос“) е напишана на грчки јазик и ги краси страниците на списанието „Енекен“, кое веќе циркулира во јавноста.

Томислав Османли вторпат објавува уметнички текст во грчкото списание „Енекен“. Кон средината на мината година оваа солунска ревија за култура и уметност го објави преводот на неговиот расказ „Раката на ХеВХаЈ“, една од неговите прози во кои го осудува холокаустот над Евреите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП