11 мај, 2025
ПочетнаКОМПАНИИЗаострување на правилата за летање со животни за емотивна поддршка во „Јунајтед...

Заострување на правилата за летање со животни за емотивна поддршка во „Јунајтед ерлајнс“

„Јунајтед ерлајнс“ ги заострува условите и правилата за патниците кои летаат со животни за емотивна поддршка поради зголемен број инциденти во авионите, објави „Вол стрит журнал“.

Авиокомпанијата соопшти дека бројот на луѓе кои патуваат со животни за емоционална поддршка лани пораснал за 75 отсто, а од 1 март ќе бара од патниците потврда дека нивните животни ќе се однесуваат соодветно и документација од ветеринар дека е безбедно животното да лета со авион.

Овој превозник веќе забрани неколку животни, како што се ежови и неколку видови птици и најави дека листата ќе се зголемува. Авиокомпанијата минатиот викенд спречила патник да внесе паун во авион на аеродромот во Њуарк во сојузната амeриканска држава Њу Џерси.

Патниците кои имаат намера да патуваат со животно мора да ја известат авиокомпанијата 48 часа пред летот.

„Правилата на Министерството за транспорт во врска со животните за емоционална поддршка не функционираат како што се пропишани, а ние треба да го промениме нашиот пристап со цел да обезбедиме безбедно и пријатно искуство и патување за сите наши клиенти“, се наведува во соопштението на „Јунајтед ерлајнс“.

Критичарите наведуваат дека со ова авиокомпаниите само се обидуваат да го зголемат приходот од надоместоци за летање со животни. Превозниците, пак, ги негираат ваквите обвинувања.

Американските сојузни прописи од 2012 година дозволуваат внесување животни за емотивна поддршка во авион, меѓу кои се и мајмуни, мачки па дури и мали коњи, како и свињи. Транспортните власти, инаку, одлучуваат кои животни се премногу вознемирувачки да патуваат во авиони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП