19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНамалувањето на загаденоста го укина бесплатниот градски превоз

Намалувањето на загаденоста го укина бесплатниот градски превоз

Град Скопје ги укинува вонредните мерки и интервентните препораки за намалување на загаденоста, меѓу кои беше и бесплатниот автобуски превоз.

„Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се укинуваат веднаш. Но, Град Скопје за да им овозможи на граѓаните коишто на своите работни места пристигнале со автобус, бесплатно да се вратат дома, од вечерва во 20 часот го укинува бесплатниот јавен превоз“, информираат од Град Скопје.

Додаваат дека укинувањето на мерките доаѓа по добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 микрограми на метар кубен и епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината.

Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани, соопштија од Градот.

И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП