8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо најмалку 17 години ќе може да се полага за возачка дозвола...

Со најмалку 17 години ќе може да се полага за возачка дозвола од Б категорија

Децата со наполнети 17 години ќе можат да се стекнат со право за оспособување за управување со возило од „Б“ категорија, информираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), повикувајќи се на измените на Законот за безбедност на сообраќајот.

Како што информираат оттаму, досега законот овозможувал со вакво право да се стекнат деца со наполнети 16 години, но таа одредба ќе претрпи корекција. Покрај тоа, децата кандидати за возачи со наполнети 17 години ќе нема потреба да имаат одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година, како што досега предвидуваше законот, ниту пак ќе има потреба да обезбедат писмена согласност од психологот и педагогот од училиштето во кое посетуваат настава.

Покрај условот кој што се однесува за возраста на детето, кандидатите потребно ќе биде да ги исполнуваат и следните услови: детето треба да поседува лична карта, да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило, да има завршено најмалку основно образование и да има согласност од двајцата родители, законскиот застапник или старателот, заверена на нотар, информираат од РСБСП.

Како што соопштуваат оттаму, оспособувањето за управување со моторно возило на дете се врши со зголемен број наставни часови од практичниот дел на наставната програма за 30% во однос на бројот на наставни часови од практичниот дел на наставната програма, предвидени за останатите кандидати за возачи.

Покрај тоа, дете кое поседува возачка дозвола од „Б“ категорија не смее да управува со возило во патниот сообраќај во времето од 20:00 до 05:00 часот, освен ако во возилото го придружува родител, односно старател кој седи на предното седиште, кој поседува возачка дозвола од „Б“ категорија и на кого не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило.

Дете-возач не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 километри на час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри на час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, ниту пак со брзина поголема од 100 километри на час на автопат.

Во однос на силата на моторот на возилото кое што смее да го управува дете-возач, потребно е да се истакне дека јачината на моторот на возилото не смее да биде поголема од 77 kw. Исто така, дете-возач не смее со возило да влече приклучно возило, ниту пак да управува со возило надвор од територијата на Република Македонија.

Од РСБСП апелираат до сите учесници во сообраќајот кои спаѓаат во категоријата дете-возач да бидат максимално одговорни во сообраќајот и да ја почитуваат законската регулатива која се однесува на оваа категорија на возачи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП