17 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗМоделната офaнзива на Audi во 2018-та

Моделната офaнзива на Audi во 2018-та

Audi најави дека во тековната година ќе претстави по еден нов модел на секои три недели.

Се очекува во 2018-та германскиот производител да лансира дури 17 модели, а веќе се знае дека меѓу нив се најновата генерација на „Audi A6“ и целосно новиот купе кросовер „Q8“.

„Audi“ уште треба официјално да го потврди доаѓањето на втората генерација на моделот „A1 Sportback“ и „Q3“, чија актуелна верзија беше редизајнирана во 2014-та, како и потенцијалниот „SQ2“.

Најмалиот „Audi“ во гамата – хечбекот „A1“, во втората генерација ќе остане без верзијата со 3 врати, па на купувачите ќе им биде понуден исклучиво како „Sportback“ со 5 врати. Тој ќе биде поставен на механичката платформа „MQB“ на групацијата „VW“ и би требало да порасне во должина во однос на првата генерација.

Производството на „Audi A1“ се сели од Белгија во фабриката на „Seat“ во Марторел, Шпанија.

Што се однесува до „Audi SQ2“, станува збор за нова најмоќна „S“ верзија на најмалиот кросовер на германскиот производител.

Се очекува за погон да биде употребен истиот 2.0-литарски тубро бензинец кој се користи во „S3 Sportback“ и „S3 Sedan“, па автомобилот би требало да развива околу 300 коњски сили и околу 380 Nm. Погонот „Quattro“ на сите 4 тркала ќе биде стандарден.

Најважниот од споменатите три нови модели за „Audi“ секако ќе биде втората генерација на „Q3“. Исто така базиран на „MQB“ платформата, овој компактен SUV/кросовер ќе биде на располагање на купувачите со палета на четирицилиндарски турбо бензински и дизел мотори.

Трицилиндарскиот би можел да се најде во основната верзија на моделот, а во понудата ќе биде опфатен и „plug-in“ хибрид. Малку подоцна, „Audi“ на пазарот ќе претстави и спортска верзија на „RS Q3“, најверојатно со петцилиндарски бензинец.

Покрај споменатите модели, „Audi“ во 2018-та ќе лансира и целосно електричен „E-Tron“ кросовер, а фановите се надеваат дека ќе се појави и „RS Q5“.

Во план е и „Audi RS5 Sportback“, a се шпекулира и за новиот основен „Audi R8“ кој под хаубата би имал 2.9-литарски „V6“ би-турбо од моделот „RS4“.

Првата можност да видиме некои од споменатите нови модели планирани за 2018-та ќе биде на претстојниот саем за автомобили во Женева.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП