7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Македонска берза ќе се тргува по нови правила

На Македонска берза ќе се тргува по нови правила

Наместо досега применуваниот период на порамнување од три работни дена (Т+3) од денот на склучување на трансакцијата, според правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, се воведува период на порамнување од два работни дена (Т+2) од денот на склучување на трансакцијата, одобри Комисијата за хартии од вредност на 130-тата седница со која претседаваше Елизабета Чингаровска.

Со примената на ваков стандарден период на порамнување Т+2 македонскиот пазар на хартии од вредност ја следи праксата на порамнување што важи на европските регулирани пазари.

На овој начин се очекува да се намали потребата од барање специјален ден на порамнување, да се динамизира тргувањето и да се зголеми ликвидноста на пазарот, да се овозможи побрз тек на парите на инвеститорите и пренос на хартиите од вредност. Исто така, воведувањето Т+2 е од особена важност за СЕЕ линк-платформата.

Ваквата корекција на правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје е во согласност со Законот за хартиите од вредност, кој го регулира времето на порамнување на трансакциите и нормира дека порамнувањето може да се врши веднаш, но не подоцна од три работни дена од денот на склучувањето на трансакцијата.

На денешната седница Комисијата за хартии од вредност обнови една дозвола за работење на инвестициски советник.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП