18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУнгарците заинтересирани за инвестирање во Македонија

Унгарците заинтересирани за инвестирање во Македонија

buda

Унгарија е заинтересирана да се вклучи во реализацијата на проектот за далекуводот Елбасан – Битола, а планира да отвори и канцеларија за туризам во Скопје за привлекување унгарски туристи.

Ова е договорено на денешната средба меѓу македонската и унгарската делегација на која присуствуваа министерот за економија Ваљон Сарачини и државниот секретар за надворешни работи и меѓународни економски односи и копретседател на Унгарско-македонскиот деловен совет, Петер Сијарто.

– Државната унгарска компанија веќе закажа состанок со АД МЕПСО на која ќе ги дефинираат деталите за вклучување на унгарската страна во овој голем проект. Договорено е и отворање на канцеларија за туризам во Скопје од унгарска страна во која со нашите тур оператори ќе работат на привлекување унгарски туристи, изјави министерот Сарачини по средбата.

Двете страни разговарале и за проекти од областа на градежништвото, земјоделството и минералните суровини, а договорена е и посета на 30 македонски студенти на Унгарија.

– Ќе изработиме акциски план за соработка меѓу стопанствениците од двете држави. Сакаме да изградиме стратегиско партнерство меѓу МЕПСО и унгарската енергетска компанија, а унгарската Егзит банка е подготвена финансиски да го поддржи учеството на унгарските компании во реализацијата на проектот Скопје 2014, истакна Сијатро.

Во областа на образованието конкретизирана е посета на македонски студенти на Унгарија, а на вчерашната средба на унгарската делегација со премиерот Никола Груевски договорено е да се прошири соработката и на ниво на високото образование. Договорено е да се разгледаат и можностите за отворање на заеднички дипломатски претставништва низ светот.

Сијатро уште еднаш нагласи дека Унгарија останува силен поддржувач на евроатланските интеграции на Македонија и оти се подготвени да ги споделат своите искуства од евроинтегративните процеси.

И од унгарска и од македонска страна беше оценето дека политичките и економските односи меѓу двете земји се добри и беше изразена надеж дека со реализацијата на овие конкретни проекти Унгарија ќе се врати на второто место по инвестиции во Македонија како што тоа беше случај пред должничката криза.

Во рамки на дводневната посета на унгарската делегација денеска беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу агенциите за странски инвестиции на двете држави. Во текот на вчерашниот ден се одржа и бизнис форум на кој беа претставени можностите за инвестирање во Македонија пред унгарските бизнисмени.

Во февруари во Унгарија беше одржан Првиот мешовит комитет кога беа дефинирани клучните сектори за соработка. Вториот мешовит комитет е планирано да се одржи во октомври во Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП