28 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВоведен бесплатен градски превоз за прилепските пензионери

Воведен бесплатен градски превоз за прилепските пензионери

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа 8. седница на која најголемо внимание предизвика одлуката за воведување бесплатен јавен градски превоз за прилепските пензионери, односно за жени со навршени 62 години и мажи над 64-годишна возраст.

„Советот донесе одлука за ослободување од плаќање за градски превоз во автобусите на ЈП за ПУП за сите пензионери, односно за жени со навршени 62 години и мажи со 64 години, и тоа секој работен ден од 9 до 11 часот. Советниците исто така ги донесоа извештајот за работата на Советот во претходната 2017 година и програмата за работа во тековната 2018 година. На денешната седница го изгласа и финансискиот план за работа на ЈОУ детски градинки ‘Наша иднина’, ги усвоија плановите за вработување во 2018 година на ЈОУ дом за стари лица ‘Киро Крстески-Платник’ и градската библиотека ‘Борка Талески’“, изјави претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.

Советниците ги усвоија програмите за работа на ЈКП „Комуналец“, ја усвоија одлуката за утврдување критериуми и стандарди за поставување урбана опрема на подрачјето на општината, а беа именувани и претставници на Општина Прилеп во општинските основни училишта во Прилеп и населените места.

Членовите на општинскиот Совет од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери ја напуштија денешната седница во знак на, како што рекоа, поддршка на притворените од настаните на 27 април. Тие не дадоа одговор на прашањето на претседателот на Советот, Миле Талевски, дали со напуштањето на седницата се откажуваат и од советничкиот надоместок.

Според Законот за локална самоуправа, висината на месечниот паушал што го земаат членовите на Советот на Општина Прилеп изнесува 70% од просечната плата во Република Македонија, исплатена за последниот месец или околу 15.000 денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП