Саудиските власти го пуштија на слобода еден од најбогатите луѓе во светот – принцот Алуалид бин Талал, кој два месеци беше во притвор откако беше уапсен во рамките на големата антикорупциска операција меѓу елитата во оваа земјата.
Според државните службеници, принцот постигнал договор со владата во саботата, објави „Wall Street Journal“. Ријад им дозволува на оние кои се обвинети за корупција да ја вратат својата слобода во замена за паричен надоместок врз основа на наводната штета на државата.
Во моментов не е познато каква зделка склучил принцот Талал, но се знае само дека тој ќе остане на чело на својата компанија „Kingdom Holding Co.“, која е и еден од најголемите конгломерати во земјата. Тој е исто така инвеститор во многу проекти низ целиот свет, вклучувајќи и големи удели во „Тwitter Inc.“ и в хотелскиот синџир „Four Seasons“.
Неизвесен останува статусот на неговите инвестиции, како и остатокот од неговото богатство во износ од 17 милијарди долари.
Според извори од „Wall Street Journal“, властите побарале од принцот најмалку 6 милијарди долари – една од најголемите суми досега.
Бин Талал е еден од десетиците претставници на државната власт, кралското семејство и бизнис елитата во земјата, кои во почетокот на ноември беа уапсени и приведени во хотелот „Ritz-Carlton“ во Ријад по обвиненијата за корупција, иако според аналитичарите станува збор за обид за консолидирање на власта на принцот Мохамед бин Салман, иницијатор на операцијата.
Според властите во Саудиска Арабија, речиси 200 милијарди долари се собрани досега од повеќе од 200 луѓе кои се согласиле да склучат договори со Ријад. Претходно минатата недела од обвинителството во земјата соопштија дека имаат намера да покренат обвиненија против 95 лица, кои се уште се приведени во „Ritz-Carlton“ и одбиваат да ги платат бараните средства.
Некои од затворениците дури се преселија од хотелот во затворот „Ал Хаер“ во главниот град на Саудиска Арабија.
Во интервју за „Ројтерс“, дадено ден пред неговото ослободување, принцот негираше дека е подложен на лош третман и изјави дека обвиненијата против него се недоразбирање кое наскоро ќе биде разјаснето.
Според него, тој не бил спречен да комуницира со својата компанија, а неговиот престој во „Ritz-Carlton“ е доброволен и ќе трае до завршувањето на истрагата против него.