„Apple“ може да го собори сопствениот рекорд за најпрофитабилен квартал во корпоративната историја. Според аналитичарите, нето приходот на компанијата за последниот квартал од 2017-та година ќе бидат не помалку од 19 милијарди долари.
Последните три месеци од минатата година се првиот квартал од фискалната година на „Apple“. Традиционално, ова е периодот во кој компанијата известува за високи приходи.
Покрај тоа, периодот за кој станува збор е прв што ги одразува приходите од продажбата на новиот „iPhone X“.
Претходниот рекорд за најпрофитабилен квартал на „Apple“ беше остварен во 2015-та година, кога беше пријавен нето приход од 18 милијарди долари.
Раководни кадри на компанијата посочија пред ноември дека го очекуваат „најголемиот квартал досега“ и двоцифрен раст во приходите за време на празниците – нешто што не се случило повеќе години.
Акциите на „Apple“ поскапеа до рекордно ниво кое надминува 179 долари во средината на јануари, што ја покрена пазарната капитализација на компанијата над нивото од 900 милијарди долари. Сепак, следеше мало прилагодување, со што цената на акциите се намали на 171 долари.
Аналитичарите од истражувачката компанија „Canalys“ процениле дека „Apple“ продал 29 милиони „iPhone X“ во споменатиот квартал. Тоа го прави новиот „iPhone“ најпродаван паметен телефон во светот околу сезоната на Божиќ.
Според проценките, компанијата продаде вкупно 81 милиони „iPhone“ уреди во последното тримесечје од 2017-та година, што резултираше со раст на приходите од 11%, до 86 милијарди долари.
Некои аналитичари се уште оптимисти за финансиските резултати на „Apple“. „Morgan Stanley“ предвидува раст на приходите од 18% на 92 милијарди долари и нето резултат од 21 милијарда долари.
Високата цена на „iPhone X“, која започнува од 999 долари, е една од причините за ваквите оптимистички предвидувања.
Нил Сајбарт, аналитичар во „Above Avalon“, смета дека просечната продажна цена на „iPhone“ може да скокне над 100 долари до рекордни 800 долари. Според него, компанијата постигнала добра продажба на „iPhone X“, главно поради тоа што успеала да ги надмине грижите дека нема да може да одговори на високата побарувачка.
Финансиските резултати на „Apple“ исто така зависат од перформансите на компанијата на кинескиот пазар. „Morgan Stanley“ предвидува двоцифрен раст на продажбата на „iPhone“ во Кина и мало забавување на американскиот пазар.
Ова се случува во услови на податоците на „Canalys“, кои покажуваат дека продажбата на најголемиот пазар за смартфони во светот е намалена за 4% на годишна основа. Ова е нешто што кинескиот пазар не доживеа веќе осум години.