3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Жените што користат породилно отсуство не го губат правото на К 15“

„Жените што користат породилно отсуство не го губат правото на К 15“

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на погрешнa примена на одредбите што се однесуваат на регрес за годишен одмор (К15) за работниците што користеле породилно отсуство, а кои во Република Македонија најчесто се жени.

Во изминатиот период Хелсиншкиот комитет регистрирал случаи на разчна примена на одредбите од колективниот договор за стопанството кои се однесуваат на регресот за годишен одмор. Од таму велат дека имало случаи каде што по пријави до Трудовиот инспекторат испратени од Хелсиншкиот комитет по однос на неисплата на регрес за годишен одмор, популарно наречен К 15, Инспекторатот утврдил дека на работничките што во текот на календарската година користеле породилно отсуство не им следува регрес за годишен одмор.

„Ваквиот став се оправдува со толкување на одредбата од член 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на РМ“ број 115/2014 од 1.8.2014 година) во согласност со која работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работа, меѓу кои е и правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавец. Користењето на породилно отсуство во текот на календарската година некои од инспекторите го сметаат за неисполнување на условот работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавец“, велат од Хелсиншкиот комитет

Според нив, ова е апсолутно погрешна и неизедначена примена на оваа одредба од колективниот договор за приватниот сектор, со кое толкување се предизвикува правна несигурност.

„Потенцираме дека породилното отсуство во никој случај не може да се смета за прекин на работниот однос кај работодавецот или одново започнување работен однос и да биде причина за неисплата на регрес за годишен одмор за работниците/чките што го искористиле правото на породилно отсуство“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од таму појаснуваат дека работниците што користат породилно отсуство не го губат правото на годишен одмор, кое е тесно поврзано со исплатата на регресот.

„Оттука, нејасно е врз основа на која одредба трудовите инспектори одлучуваат дека се губи правото на регрес за годишен одмор кога не се губи правото на годишен одмор. Ваквото толкување и различна примена на одредбите за регрес за годишен одмор се спротивни на начелата за недискриминација и еднакви можности и третман на мажите и жените гарантирани со Уставот и законите земајќи предвид дека повеќето од работниците што користат породилно отсуство се жени“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од овие причини Хелсиншкиот комитет го повикува Министерството за труд и социјална политика да испрати насоки до Државниот трудов инспекторат со цел изедначена пракса при примена на законските одредби што се однесуваат на регрес на годишен одмор бидејќи, како што велат, очигледно е дека има различна примена на колективниот договор на штета на работничките.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП