28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвроамбасадорот Жбогар вети поддршка за клучните развојни проекти во Битола

Евроамбасадорот Жбогар вети поддршка за клучните развојни проекти во Битола

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, денеска ја посети Битола како дел од кампањата „ЕУ за тебе“, чија цел е да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта од ЕУ во земјата. Во Битола, Амбасадорот Жбогар се сретна со градоначалничката на општината, Наташа Петровска, која констатираше дека поддршката од ЕУ во изминатиот период била несебична.

„Денешниот разговор кој што го имавме со господинот Жбогар, само покажа дека интересите на ЕУ се во насока навистина да се помогне и на нашата општина, меѓутоа и на нашата држава во нејзиниот развој, во нејзините перспективи и во овозможување, всушност на подобра егзистенција на нашите граѓани. Сигурна сум дека граѓаните тоа го забележуваат и дека светло гледаат на овие патеки“, изјави градоначалничката на Општина Битола.

Градоначалничката Петровска и Амбасадорот Жбогар на денешната средба разговарале и за предизвиците со кои се соочува општината, но и за можностите за помош и поддршка од страна на ЕУ во насока на обезбедување подобри услови за живот на граѓаните.

„Денеска ја имав можноста да научам за многу предизвици со кои градоначалничката на Битола се соочува и генерално граѓаните на Општина Битола. Научив многу повеќе во врска со загадувањето на воздухот во Битола, во врска со водата, менаџирањето на отпадните води, со проблемите со кои се соочувате во сферата на образованието, со долговите кои што ги имаат различните школи во Битола и многу други работи. Исто така, ние разговаравме за различните проекти кои што се финансирани од страна на ЕУ, којшто се веќе имплементирани на ниво на Општина Битолa. Но, примарно, ние денес со градоначалничката разговаравме за идни можни проекти за кои ЕУ би можела да помогне во развојoт на општината. Заедно идентификувавме неколку проекти во кои ЕУ би можела да се инволвира, на пример големиот проект поврзан со огромната пречистителна станица која што е во фаза на подготвување, а разговаравме и за другите можности кои што се нудат во рамките на националниот парк Пелистер, како можеме ние како ЕУ да помогнеме во развој на алтернативниот туризам и ред други проекти“, изјави евроамбасадорот Жбогар, кој на градоначалничката Петровска и подари благодарница.

Сертификатот, претставува сведоштво за добрите проекти кои досега се реализирале, но и за другите проекти кои ќе бидат реализирани во идниот период.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП