4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманскиот амбасадор Томас Герберих го посети Прилеп

Германскиот амбасадор Томас Герберих го посети Прилеп

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Томас Герберих, вчера престојуваше во официјална и работна посета на Прилеп.

Својот престој амбасадорот го започна со средба со градоначалникот Илија Јованоски, од кого беше запознаен со состојбите во градот, со преземените активности од денот на неговиот избор за градоначалник, како и со проектите што Општина Прилеп планира да ги реализира во тековната година.

„Амбасадорот Томас Герберих се интересира за состојбите во нашиот град, за водоснабдувањето, загадувањето на воздухот, за функционирањето на стопанските субјекти. Со амбасадорот разговаравме за генералната состојба во општината, се договоривме за начинот на кој наредниот период ќе се одвива нашата соработка. Г. Герберих ја искажа подготвеноста на германската амбасада да помогне во оние области каде што на општина Прилеп ѝ е најмногу потребна помош“, изјави градоначалникот Јованоски.

Герберих рече дека Македонија и Германија со години соработуваат на полето на политиката, културата и економијата, но нему како на нов амбасадор на СР Германија во Македонија важно му е да оствари соработката и со општините.

„Мојата сопруга и јас веќе 5 месеци сме во Македонија и сметавме дека е вистинско време да патуваме низ државата со новата Влада и новите реформи, чиј пат ние би сакале да го поддржиме. Градоначалникот ме информира за актуелната ситуација и сметам дека од тоа произлегоа почетни точки на кои во иднина би можеле да соработуваме. Амбасадата од средства на Сојузното министерство за надворешни работи поддржува мали проекти. Минатата година во Прилеп имплементиравме два, кои денеска свечено ги примопредадовме. Тоа се кабинетот по биологија во средното медицинско училиште и индустриска машина за перење алишта во домот за стари лица“, потенцира амбасадорот Герберих.

Германскиот амбасадор и прилепскиот градоначалник го посетија средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“, каде што во употреба го предадоа кабинетот по биологија. Станува збор за донација на Амбасадата на СР Германија во висина од 240.000 денари, средства со кои кабинетот беше комплетно уреден и опремен. За време на престојот во Прилеп амбасадорот Герберих го посети и домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“, каде што Амбасадата на СР Германија неодамна донира индустриска машина за перење алишта. Висината на донацијата во домот за стари лица изнесува приближно 500.000 денари.

Само преку банката КФВ во изминатите години Германија инвестирала во проекти во земјата, чија висина изнесува 320 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП