3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечниот Македонец на банките им должи 1.107 евра

Просечниот Македонец на банките им должи 1.107 евра

Просечниот Македонец има кредит од 1.107 евра, а за една година се задолжил за дополнителни 101 евро! Банките продолжуваат да остваруваат фантастични профити, а бројот на блокирани сметки останува непроменет – над 110 илјади.

Скоро 2.3 милијарди евра вкупни кредити за домаќинствата

Според податоците на Народната Банка вкупните кредити дадени на домаќинствата во декември достигнале 2 милијарди 296 милиони и 455 илјади евра. За една година се зголемиле за над 193 милиони евра или за 9.2%.

Најголем дел од кредитите се потрошувачки, 1 милијарда и 180 милиони евра. Следуваат станбените кредити во вредност од речиси 643 милиони евра, па минусите на кредитните картички кои достигнуваат скоро 200 милиони евра. Најмала е ставката на автомобилски кредити, нивната вкупна вредност изнесува само 5 милиони и 138 илјади евра.

112 илјади граѓани и фирми со блокирани сметки

Големата задолженост на граѓаните резултира и со висок број на блокирани сметки. Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) вкупниот број на граѓани и фирми со блокирани сметки заклучно со септември 2017-та изнесувал 112.491.

Ова е на речиси исто ниво со септември 2016-та кога имало 112.612 блокирани.

Од вкупниот број блокирани 80.870 се физички а 31.621 се правни лица. Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со септември достигнал 235.629.

Фантастични профити за големите банки

Растот на кредитите на граѓаните резултира со раст на профитите за банките. Четирите најголеми: Стопанска Скопје, НЛБ, Комерцијална и Охридска банка за првите девет месеци лани направиле профит од 60.4 милиони евра покажуваат официјалните податоци објавени на Македонската берза.

Во овој период Стопанска банка имала добивка од 30 милиони и 585 илјади евра,  НЛБ 24 милиони и 854 илјади евра, Охридска 3 милиони и 398 илјади евра, а Комерцијална банка реализирала профит од 1 милион и 723 илјади евра.

Вкупните нето приходи од камати кај овие банки за периодот од јануари до септември лани изнесуваат 128.8 милиони евра. Тоа се парите што банките, според книговодствената евиденција ги наплатиле од своите клиенти.

Расходите во истиот период изнесуваат 27.1 милиони евра. Тоа се пари што биле трошок на банките за камати на депозити и штедни влогови на граѓаните и на правните лица во земјава.

Најпросто кажано банките платиле 27.1 милиони евра за парите што ги земале на чување, а од нив инкасирале пет пати повеќе.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП