Странци купиле вкупно 22.234 имоти во Турција во 2017-та година, што е раст од 22,2% на годишна основа, а Ирачаните беа главните купувачи, покажуваат официјалните податоци, цитирани од „Hurriyet Daily News“.
Во 2016-та година продажбата на странци регистрираше пад од 20,3% во однос на претходната година, поради тоа што се намалија до 18.189 поради загриженоста за безбедноста во земјата.
Во 2017-та година Ирачаните имаат купено 3.805 имоти во Турција, покажуваат податоците на Турскиот институт за статистика (TÜİK). На второ место биле Саудијците со 3.345 имоти, следат државјаните на Кувајт со 1.691 имоти, Русите со 1.331 и Авганистанците со 1.078 имоти.
Во однос на продажбата на домови на странци, Истанбул бил провинцијата број еден со 8.182 продадени имоти во минатата година. Медитеранското одморалиште Анталија беше втората најпопуларна провинција со 4.707 продадени имоти на странци, следена од северозападните провинции Бурса и Јалова со соодветно 1.474 и 1.079 имоти.
Во 2017-та година вкупниот број на сите продадени имоти во Турција се зголеми за 5,1% во однос на претходната година, покажуваат уште податоците на „TÜİK“. Минатата година биле продадени 1,4 милиони домови, а Истанбул има најголем дел од продажбата на домови со 16,9%, или 238.383 имоти.
Турската статистичка служба соопшти дека главниот град Анкара и егејската провинција Измир регистрирале соодветно 150.561 (10,7%) и 84.184 (6%) од вкупната продажба на станови.
473.099 имоти, продадени во Турција во 2017-та година, биле купени со хипотека, покажуваат податоците на „TÜİK“. Забележано е зголемување за 5,2% на годишна основа на бројот на продадените имоти преку хипотека во земјата.