4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈенс Столтенберг со згусната агенда денеска во Скопје

Јенс Столтенберг со згусната агенда денеска во Скопје

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, синоќа пристигна во Македонија по покана на премиерот Зоран Заев, a за денеска е предвидено да се сретне со повеќе високи претставници од земјава.

Агендата на Столтенберг започнува со средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по што Столтенберг ќе ја посети резиденцијата на претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Оттаму ќе се сретне со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а од Министерството за одбрана брифираат дека пред генералниот секретар на НАТО ќе ги претстават реформите, како што се покачувањето на буџетот за одбраната 15 отсто од сегашниот и реформата на Владата за сукцесивно зголемување од 0,2 отсто на буџетот од 2019 за до 2024 година да стигне на 2 отсто од БДП. Од Министерството велат дека посета од овој тип се случува по една деценија.

По средбата со Шекеринска, Јенс Столтенберг ќе се сретне со собранискиот спикер Талат Џафери, по што ќе следува и официјално обраќање пред пратениците, а потоа и одвоени средби во законодавниот дом и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Во 15 часот генералниот секретар на НАТО ќе биде пречекан во Владата со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува средба со премиерот Зоран Заев, па заедничка прес-конференција.

Последен генерален секретар што беше во земјата е претходникот на Столтенберг, Андерс Фог Расмусен, кој дојде во Скопје во 2014 година на крајот од својот мандат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП