Швајцарскиот концерн, „Nestle“, конечно најде купувач на својот долготраен американски бизнис за кондиторски производи. Компанијата го продаде бизнисот на производителот на познатиот лешников крем „Nutella“ – „Ferrero“, за 2,8 милијарди долари, објави производителот со седиште во Женева.
Договорот мора да се заврши до крајот на првиот квартал. Сепак, „Nestle“ продолжува да се држи до својот меѓународен кондиторски бизнис и ќе продолжи да го развива, особено брендот „KitKat“, појаснува концернот.
Во 2016-та година швајцарската компанија генерираше од слаткарскиот бизнис во САД приходи во износ од околу 900 милиони франци, што претставува околу 3 отсто од вкупните приходи на „Nestle“ во САД. Американскиот кондиторски бизнис е најголем во светот, според „bis World“, проценет на 8 милијарди долари.
За новиот извршен директор на „Nestle“, Марк Шнајдер договорот е важен чекор за оддалечување од чоколадото, а со трансакцијата „Ferrero“ станува трет по големина производител на кондиторски производи во САД по конкурентите „Mars“ и „Hershey“. Според внатрешните извори, „Hershey“ беше меѓу кандидатите за поделбата.
По трансакцијата италијанскиот концерн ќе се здобие со брендовите кои се добро познати на американските потрошувачи, како „Butterfinger“, „Baby Ruth“, „Crunch“, „Nerds“ и „Runts“.
Новиот директор „Nestle“, Шнајдер ја презеде контролата минатата година и објави дека компанијата ќе го продаде овој дел. Менаџерот кој пред да дојде на оваа функција беше директор на германската компанија „Fresenius“, има намера да го забрза растот на „Nestle“, да ја ослободи од бизнисите со мала маргина и насочувајќи се кон ветувачкиот бизнис со здрави производи.
Според медиумските публикации, „Nestle“ е фаворит за купување на бизнисот со здрави продукти на германскиот концерн „Merck“ кој е базиран во Дармштат.