15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо април треба да се набави нов инсинератор за „Дрисла“

До април треба да се набави нов инсинератор за „Дрисла“

Од 1 јануари годинава инсинераторот во депонијата „Дрисла“ не работи, додека во април треба да биде набавен нов инсинератор за горење на медициниски отпад, брифираа на денешната средба со новинарите, градоначалникот Петре Шилегов заедно со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Печката во Дрисла во моментот не работи, но со оглед на тоа што мерките за справување со висока загаденост ќе бидат укинати од утре, „Дрисла“ ќе може повторно да согорува отпад.

И од Државниот Инспекторат за животна средина соопштија дека денеска извршиле вонреден инспекциски надзор во депонијата Дрисла и утврдиле дека се почитува решението на ДИЖС за неработење на инсинераторот за согорување на медицински отпад во денови кога има надминување на прагот на алармирање.

„Во периодот од 01.01.2018 год. до денот на вонредниот надзор 10.01.2018 год. истиот не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери. Инспекторатот беше информиран дека согласно задолжението од решението се постапува и во тек е набавка на воден скрубер/филтер за постоечкиот инсинератор и истиот ќе биде инсталиран во периодот кој следи“, велат од инспекторатот.

Тие велат дека од менаџментот на Дрисла добиле информација дека сите потребни процедури и документи/дозволи за набавка на нов инсинератор се завршени и се очекува опремата да пристигне до средината на април по што во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа на истата, а намената на инсинераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија.

Од Градот Скопје брифираат дека во меѓувреме, додека да се набави новиот инсинератор, на постоечкиот во „Дрисла“ треба да се постави воден филтер со кој значително би се намалиле штетните честички од согорувањето. Град Скопје и Министерството за животна средина информираат дека од 2013-та до 2017-та во земјава не бил увезен никаков медицински отпад од странство. Оттаму велат дека се чека одлуката на Управниот суд за концесијата за депонијата „Дрисла“, по што позицијата на институциите кон овој проблем ќе биде појасна.

Со наслов „Велика Британија со токсичен подарок за Балканот“ весникот „Гардијан“ уште во 2001 година објавил за инсинераторот што ѝ бил доделен на Македонија од страна на британската влада за горење медицински отпад, кој ги прекршува стандардите на Европската Унија и би бил нелегален во Британија. Вчера од Министерството за животна средина и Градот Скопје за „Макфакс“ потврдија дека инсинераторот што се користи во моментот во склоп на депонијата „Дрисла“ е донација од британската влада. Во моментот во земјава функционира само тој инсинератор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП