Во текот на изминатиот месец, инспекторите на Град Скопје при вршење контрола на терен изрекле четири казни за палење отпад, од кои 2 се изречени на физички лица, а 2 на правни лица. Во рамките на мерката за огнови на отворено (193) Градот Скопје и превентивно дејствува со изрекување опомени за палење на отворено.
Инспекторите моментално се излезени на терен и вршат вонредни и зачестени контроли, а последниот извештај вели дека засега нема казнети, бидејќи не констатирале отстапување од пропишаните услови.
Вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ги најави итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и притоа главната мерка која ја спроведува е повторното воведување на бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници, а најави и позасилена контрола над субјектите коишто имаат Б интегрирани еколошки дозволи.
Инспекциските служби на Град Скопје во текот на 2016 година извршиле по 2 контроли на сите 29 инсталации регистрирани во Скопје, односно вкупно 58 контроли во месеците ноември и декември, и по извршените контроли се констатирани неправилности кај 1 фирма на којашто и е изречена казна.
Во текот на 2017 година во истиот временски период (ноември-декември) надлежните инспекциски служби на Град Скопје, исто така, извршиле по 2 контроли на сите 31 инсталации во Скопје, односно вкупно 62 контроли и констатирале дека сите фирми ги задоволуваат законски пропишаните услови.
Градот Скопје во текот на 2017 година има одобрено 500 елаборати и извршено 94 контроли за периодот ноември-декември, односно се извршени контроли на сите фирми коишто имаат емисии во воздухот при производниот процесот и не се евидентирани неправилности при нивното работење.