Велика Британија има интерес да се приклучи кон трговскиот договор за Трансатланското партнерство (Trans-Pacific Partnership – TPP), откако ја напушти Европската унија (ЕУ). Ова е објавено од страна на „Financial Times“, цитирано од „Ројтерс“.
Според изданието властите во Лондон почнаа неофицијална дискусија за евентуалното пристапување кон договорот, за да го стимулираат на овој начин извозот по престанокот на односите со блокот.
Иако САД се повлекоа од преговорите пред речиси една година, други земји од „ТРР“ се ангажираа со нивното продолжување.
Досега договорот за слободна трговија ги вклучува земјите од азиско-пацифичкиот регион, Канада и Мексико. Според британскиот државен министер за трговските прашања Грег Хандс не постојат географски бариери кои ќе го спречат влезот на Велика Британија.
„Во овие мултилатерални односи не би требало да има географски ограничувања“, коментира тој за „Financial Times“.
Според европското законодавство Британија нема право да склучува нови трговски договори пред конечно да излезе од ЕУ во март 2019-та година. Според извор на весникот од страна на „ТРР“ се уште е „прерано“ да се дискутира евентуалното пристапување на Лондон пред прво да биде спроведен „Brexit“.
На крајот на минатата година Велика Британија доби одобрување од земјите членки од ЕУ за преминување кон втората фаза од преговорите за излез од заедницата – оние за трговските односи на Островот со Унијата. Ова стана можно откако европските лидери потврдија дека е постигнат задоволителен напредок во трите главни теми од првиот дел на нивниот дијалог – за правата на европските граѓани, ирската граница и финансиските обврски на Лондон кон ЕУ.