5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтернет трговијата во нагорна линија - се повеќе Македонци пазарат online

Интернет трговијата во нагорна линија – се повеќе Македонци пазарат online

Интернет трговијата остварила раст од дури 20% во првите девет месеци од минатата година. Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) вкупниот промет што македонските граѓани и фирми го направиле на виртуелните места за продажба од јануари до септември 2017-та достигнал фантастични 78 милиони и 165 илјади евра. Во истиот период од 2016-та тој изнесувал 64 милиони и 790 илјади евра.

Оние кои се вклучени во овој бизнис очекуваат трендот да продолжи.

„Колку што трговците се поспремни да им овозможат на купувачите да купат секаде и во кое било време ќе продолжи и да расте пазарот. Голем број на компании кои што сакаат да растат дури и одат свесно со загуби додека не го освојат пазарот. Едноставно волуменот што го остваруваат им овозможува повластени трошоци и ставки за испорака“ објаснува сопственик на македонска интернет продавница.

Според НБРМ во Македонија има речиси 800 регистрирани интернет продажни места.

Најдобро работат сајтовите за групни попусти кои нудат производи и услуги намалени од 50% до 90%. Анализите што ги прават овие трговци покажуваат дека тие се најпопуларни кај луѓето на возраст од 20 до 35 години, но се почесто и повозрасните се одлучувале да купуваат електронски.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) на интернет најчесто се купува облека и спортска опрема (54.7% од нарачките), потоа електронска опрема (16.3%), производи за домаќинство (13.1%), хотелско и друго сместување (9.7%), други аранжмани и патувања (7.3%). 8.2% од Македонците online купувале или нарачувале храна и прехранбени производи.

Според ДЗС Македонците најмногу пазарат од продавници надвор од Европа (58.6% од купувачите), потоа од Македонија (40.8%), па од остатокот од Европа (20.7%).

Според ДЗС најголем дел од трансакциите на интернет, 43%, се во вредност од 50 до 99 евра. Потоа следат оние кои се помали од 50 евра, 33%, а 19% се помеѓу 100 и 499 евра. Не се регистрирани трансакции со поголема вредност од 1.000 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП