Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно по претежно влажни коловози во северните, западните и југозападните делови од државата, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). Во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни. На планинскиот превој Буково наместа има остатоци од кашест снег на коловозот.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Во соопштението се наведува дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.