13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШилегов ги презентира најзначајните проекти на Град Скопје за в година

Шилегов ги презентира најзначајните проекти на Град Скопје за в година

Градоначалникот Петре Шилегов денеска ги презентира најзначајните проекти на кои ќе работи Град Скопје во 2018 година, а се предвидени во буџетот на градот за в година.

„За 2018 година вкупниот буџет на Град Скопје е проценет на 6,2 милијарди денари, односно тој е 10 отсто помал од буџетот за 2017 година. Ова се должи на фактот дека се скратени сите непродуктивни трошоци, а тој се заснова врз реални приходи и расходи. Скопје со новиот буџет започнува да се трансформира, ќе се гордеете што ќе бидете дел од новата приказна. Продолжуваме со проекти што се за доброто на граѓаните. Истовремено, ќе почнеме и со нови проекти – за животната средина, за подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, регистар за кучињата, подобрување на хигиената во градот, јавниот превоз и многу други“, рече денеска Шилегов.

Како што најави скопскиот градоначалник, акцентот ќе биде ставен на подобрување на животната средина, на развивање на транспортната мрежа, дел за патната и комуналната инфрастуктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат индиректно и подобар економски раст и развој на нашиот град.

„’Коалицијата О2’ нè обврза со тоа дека буџетот за заштита на животна средина и природа не смее да биде под 3,5 отсто од вкупниот буџет и да не биде под 3 отсто за капитални расходи во истата категорија и со 90-100 отсто оствареност. Тоа го надминуваме и проектираме капитални проекти во делот за животната средина, дури на 4,2 отсто од основниот буџет на Град Скопје“, нагласи Шилегов.

Шилегов најави дека в година се предвидуваат 30 милиони денари за велосипедски патеки, односно трипати повеќе средства од буџетот за 2017.

„Ќе инвестираме 10 милиони денари за набавка на канти за отпадоци и за клупи следејќи ја нашата мисија за чисто и урбано Скопје. За потсетување, оваа година биле издвоени само 4 милиони денари за таа намена. Вложуваме двојно повеќе средства во образованието, односно 163.200.000 денари, кои ќе се искористат за подобрување на целокупниот образовен систем. Обезбедуваме бесплатен превоз за сите средношколци во Скопје. За реализација предвидовме 18 милиони денари. Сите средни училишта во градот ќе добијат енергетско-ефикасни фасади со вкупна вредност од 90 милиони денари. Средствата за оваа намена во 2018 година се речиси трипати поголеми од оние што биле предвидени за оваа година“, рече градоначалникот.

Шилегов денеска појасни дека парите наменети за секторот за животна средина во 2018 година изнесуваат 141.200.000 денари и се речиси трипати повеќе од предвидените со сегашниот буџет.

„За в година обезбедуваме 10 милиони денари за изградба на зелени покриви, 1,6 милион за обука на оџачари, го продолжуваме субвенционирањето за набавка на печки на пелети во вредност од 15 милиони денари и за набавка на велосипеди во висина од 10 милиони денари. Ќе обезбедиме системско решавање на проблемот со кучињата скитници преку подобрување на условите на згрижените кучиња во „Вардариште“ и преку изготвување регистар на домашни и кучиња скитници. За реконструкција на стационарот предвидуваме 10 милиони денари“, рече Шилегов.

За набавка на прочистувачи на воздухот – јонизатори за училниците во средните училишта на град Скопје се обезбедуваат 12 милиони денари.

„Обезбедуваме субвенциии за граѓаните за набавка на инвертери за затоплување во вкупна вредност од 10 милиони денари. Издвојуваме 6 милиони денари за оптимален модел на мрежата на линии на јавниот градски превоз. Инвестираме во јавниот превоз преку набавка на екоавтобуси, односно субвенционираме набавка на екоавтобуси на ЈСП во висина од 100 милиони денари“, потенцира скопскиот градоначалник.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП