7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата го презентираше усвоениот план за економски раст

Владата го презентираше усвоениот план за економски раст

Претседателот на Владата на Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно ги презентираа мерките од планот за економски раст, усвоени на една од последните владини седници.

Заев истакна дека по тримесечна конструктивна дебата, во која учествувале сите фактори во економските политики, конструирани се мерки што ќе овозможат финансиска стабилизација и ќе ја раздвижат економската инвестициска активност во Република Македонија.

Тој дополни дека Владата наменила 46 отсто повеќе средства во буџетот за 2018 година за програмата за економски развој во однос на 2017 година и потенцира дека со имплементација на мерките од планот проектираниот раст од 3,2 отсто за 2018 година е реален и остварлив.

„Со планот за економски раст се нудат исти транспарентни услови за домашните и за странските инвеститори. Ќе работиме на подигнување на соработката помеѓу домашните и странските инвеститори, и тоа на два начина: преку поттикнување на странските инвеститори да соработуваат со домашните и поддршка на домашните да бидат квалитетни досоавувачи за странските. Малите и средните претпријатија ќе бидат во фокусот на поддршката. Со мерките ќе даваме поддршка за исплата на повисоки плати за вработените и ќе поддржуваме отворање нови работни места, со што ќе влијаеме на намалување на невработеноста. Првпат во Македонија се дава поддршка за отворање центри за технолошки развој и иновации, со што сакаме да го поттикнеме технолошкиот развој на компаниите. Успехот на економијата ќе се темели токму на воведување нови технологии и иновации. Сите овие мерки ќе придонесат за пораст на конкурентноста на македонските компании во регионот, во Европа и во светот“, потенцира премиерот.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека е многу задоволен што мерките се продукт на еден инклузивен процес во кој, освен Владата, учествувале и експертската и меѓународната јавност, како и стопанството.

„Планот за економски раст се состои од мерки поделени во три столба: мерки за општ економски развој, мерки за поддршка на конкурентноста и мерки за поддршка на малите и средните претпријатија. Главни предуслови за сите мерки што компаниите треба да ги исполнат е да прикажат пораст на приходите во последната година во однос на просекот во последните три години и ненамалување на просечниот број вработени во истиот период“, рече вицепремиерот.

Со мерките од првиот столб се овозможува поддршка за креирање нови работни места, воспоставување и унапредување на соработката со доставувачите, воспоставување центри за технолошки развој и истражување, нови инвестициски проекти, капитални инвестиции и приходи, како и за откуп на средства од претпријатија што се во тешкотии.

„За секое новокреирано работно место за кое компаниите ќе исплаќаат нето-плата 50 отсто повисока од минималната плата утврдена со законот, Владата ќе обезбеди поддршка од 20 отсто од висината на платата. Ќе ја стимулираме соработката со доставувачите од Република Македонија и доколку една компанија набавува 15 отсто производствени инпути од македонски компании, ќе добие финансиска поддршка во висина од 1 отсто од вкупните набавки. Ќе се стимулира технолошкиот развој со поддршка до 50 отсто од инвестициигте за индустриско истражување. За компаниите што реализираат почетни или дополнителни инвестиции, ќе се овозможи поддршка од 10 отсто од висината на инвестицијата, а 10 отсто поддршка ќе се обезебдат и доколку се реализира инвестиција со која ќе се заврши откупот на средствата на претпријатие во стечај или ликвидација “, појасни Анѓушев.

Со вториот столб се поддржува конкурентноста на компаниите за освојување нови пазари, а со мерките од третиот столб се поддржуваат микро, малите и средните пртпријатија.

„За инвестиции со кои се зголемува конкурентноста на компаниите на нови пазари, ќе се овозможи поддршка во висина од 10 отсто за направената инвестиција со која е направена пазарна реализација која е 5 отсто повиска во однос на просекот во последните 3 години, а доколку конкурентноста се зголемува на пазарите на земјите од Западен Балкан, поддршката се зголемува дополнителни 10 отсто. Петте мерки од третиот столб се исклучиво наменети за малите и средните претпријатија и ќе се реализираат преку два јавни повика во фискалната година, со прецизни критериуми и до исцрпување на средствата наменети за таа фискална година“, дополни вицепремиерот.

Анѓушев истакна дека со новите мерки се дава уште посилна поддршка за странските инвеститори, а пред присутните презентира симулација, односно споредба колкава поддршка добиваат странските компании кои веќе имаат склучено договори за државна помош, а колкава поддршка би добиле доколку би ги користеле мерките од планот за економски раст. Според симулацијата, 18 од 21 компанија, кои веќе имаат договори, би добиле повисока поддршка, а ефектите за економијата би биле значително повисоки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП