1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈавниот превоз од утре бесплатен

Јавниот превоз од утре бесплатен

Градоначалникот Петре Шилегов денеска објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот. Тој објави дека Град Скопје од утре воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

„Ги повикувам сите градоначалници од Скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на јавниот транспорт за полесно да ја поднесеме новонастанатата ситуација“ рече градоначалникот Петре Шилегов.

Шилегов додаде дека Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повика сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

„Градот Скопје изминативе денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 30 Б инсталации и 36 инсталации кои подлежат на одобрување на Елаборат за животна средина, со мерење на емисии во воздух. Притоа е утврдено дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности. Градот Скопје ја интензивираше контролата и на градилиштата. Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.234 контроли и изрекоа 25 казни на компании заради непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота“ нагласи Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повика и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.

Градоначалникот на Скопје даде препораки и до граѓаните, апелирајќи да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примаси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП