4 ноември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев: Подобри услови на терените и спортот да се врати во рацете...

Заев: Подобри услови на терените и спортот да се врати во рацете на спортските работници

Премиерот, Зоран Заев, вчеравечер во присуство на директорот на Агенцијата за млади и спорт присуствуваше на свеченоста по повод избор на спортист на годината. Во своето обраќање Заев, цитирајќи го НБА-кошаркарот Мајкл Џордан, истакна дека спортот, исто како и животот е полн со предизвици и постојано дава нови шанси:

„Утнав повеќе од 9.000 шутови. Изгубив речиси 300 натпревари. 26 пати ми беше доверено да изведам шут што носи победа и не погодив. Доживував неуспех по неуспех. И тоа е причината зашто успеав. И јас спортувам, играм фудбал, возам мотор рекреативно, но ова не се однесува на мене. Овие зборови се на Мајкл Џордан, познатиот НБА-кошаркар, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња“, истакна Заев.

Додаде дека ја избрал малата исповед на Џордан за почеток на своето обраќање, поради големината на смислата во неа – затоа што е вистински одраз на поврзаноста на спортот со животната филозофија на успехот.

„Затоа што успехот, кој и да го постигне, е индивидуален, но и колективен е, секогаш. Задоволството е лично, затоа и секој се стреми да биде подобар. Но сечиј успех е важен, токму поради тоа што е заеднички, поради тоа што ги поместува границите, рекордите, поради тоа што, тоа поместување на тие граници станува силен мотив и за сите други, дека сè може ако се биде трпелив, упорен и чесен, физички и духовно отворен за своите победи, кои се наши заеднички победи. Спортските лекции се животни лекции. Спортските искуства се животни искуства. Тие нè учат дека е важно да се победи, ама важно е да се победи на фер-плеј и дека ако не се победи, тоа е исто така победа затоа што учеството е тренинг на телото, а играта знае да биде поважна од победата“, изјави Заев.

Тој ја нагласи важната улога која спортистите, репрезентативците, селекторите, наставниците, професорите ја имаат во нашето општество и рече дека спортот ќе биде вратен во рацете на спортските работници.

Притоа Заев се задржа и на проектите кои новата Влада ги прави во насока на развивање на спортот.

„Почнавме процедури за враќање четири сали на федерациите со што ќе им овозможиме простор на спортистите за секојдневните активности, а преку инвестирањето во младинските клупски категории, што исто така планираме да почне да се спроведува во 2018 година, ќе помогнеме на над 240 младински клубови, најдобри во своите категории, да продолжат да го унапредуваат младинскиот спорт“, рече меѓудругото Заев.

Додаде дека Владата ќе го исполни ветувањето за нов Закон за спорт, со којшто ќе се обезбеди статус на дејноста спорт и спортистите во нашата земја, стабилни извори за финансирање на дејноста спорт од централниот и локалниот буџет, како и можност за директна поддршка на спортот со средства од економијата во текот на 2018 година.

„И ќе завршам повторно со Џордан, идол за успех на многу млади, кои се нашата иднина и во спортот како и во државата. Тој рече – Играј, забавувај се и уживај во играта. Јас со моето животно искуство можам само да потврдам дека кога ќе го избереме она во што се чувствуваме корисно и среќно, кога ќе се посветиме до фаза на занесено дете во својата омилена игра, ете тогаш ги постигнуваме најголемите резултати“, подвлече Заев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП