7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоделени грантови на локални организации за застапување и истражувачко новинарство

Доделени грантови на локални организации за застапување и истражувачко новинарство

Во рамките на проектот „Медија-платформа за застапување“, имплементиран од страна на граѓанската асоцијација „Мост“, денес беа доделени 7 мали гранта за спроведување заеднички кампањи за застапување граѓански организации и новинари од Скопскиот, Пелагонискиот, Југозападниот, Источниот и Југоисточниот Плански Регион.

Целта на повикот беше да ги поттикне граѓанските организации и новинарите да работат заеднички на развој и спроведување кампањи за застапување, кои засегаат прашања што произлегуваат од локалните заедници, а се од важност за пристапувањето кон ЕУ.

Финансиска поддршка добија Организацијата на жените на општина Битола, здружението Центар за лековити билки и шумски плодови – Амброзија од Пехчево, „ЛАГ агролидер“ од Кривогаштани, Македонскиот центар за одржлив развој и конкурентност од Скопје, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ од Скопје, Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ и здружението за дислексија „Ајнштајн“ од Скопје.

Седумте организации добија финансиска поддршка да спроведат проекти во времетраење од 3 до 6 месеци во соодветните региони на теми поврзани со заштитата на животната средина, заштита на човековите права и правата на социјално ранливите групи, правата на децата, граѓанско учество, како и рурален развој.

„Финансиската поддршка има цел да ја поттикне соработката помеѓу граѓанските организации, од една страна, и новинарите/медиумите, од друга, кои преку креираните партнерства и соработка треба да ги надградат своите капацитети и да придонесат во развојот на истражувачкото новинарство во Република Македонија. Ова се вторите мали грантови што се доделени во рамките на проектот“, велат од „Мост“.

Проектот „Медија-платформа за застапување“ е финансиран од Европската Унија преку ИПА-програмата за граѓанското општество и медиуми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП