19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТИ: Македонија и натаму не ги исполнува препораките од ГРЕКО за борба...

ТИ: Македонија и натаму не ги исполнува препораките од ГРЕКО за борба против корупцијата

Република Македонија и понатаму не презема доволни напори за исполнување на препораките на ГРЕКО за борба против корупцијата, информираат од „Транспаренси интернешнл – Македонија“ и ја повикуваат Владата да формира посебен тим што ќе го следи спроведувањето на препораките.

Оттаму истакнуваат дека извештајот од четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО (земји за борба против корупцијата) е донесен уште во декември 2013 година и во себе содржи низ забелешки и препораки за отстранување на дадените забелешки, но по нив сè уште не е постапено на адекватен начин, со што тие би се отстраниле. Имено, од 19 препораки во извештајот, три се исполнети, десет се делумно исполнети, а шест не се воопшто исполнети.

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ наведува дека ова го потврдува и неодамна дадената изјава на Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО, кој говорејќи на тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, истакнал дека ГРЕКО очекува препораките да се исполнат не поради самата група на држави за борба против корупцијата, туку поради граѓаните на Република Македонија.

Во јануари годинава „Транспаренси интернешнл – Македонија“ веќе ја извести јавноста дека државата не презема доволно активности за борба против корупцијата во согласност со овие препораки. Во тоа соопштение беше наведено дека четири од препораките за кои недостига имплементација се однесуваат на спречувањето на корупција кај членовите на Собранието на РМ, а другите две неспроведени препораки се однесуваат на судството и Јавното обвинителство. Денес, речиси една година подоцна, работите не се поместени од точката на која биле и тогаш, а тоа го потврдува и последната изјава на Мрчела, констатираат од оваа организација.

Поради тоа, „Транспаренси интернешнл – Македонија“ ја повикува Владата на Република Македонија сериозно да се зафати со исполнувањето на овие препораки, така што ќе формира посебен тим што ќе го следи спроведувањето на препораките.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП